Средба на поразените автократи во Белград: Вучиќ и Орбан тврдат дека ќе се вратат

Поранешните лидери на Србија и Унгарија се сретнаа во семејниот дом на Вучиќ крај Белград, ветувајќи сојуз и по губењето на власта.

Донеодамнешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, денеска во семејната куќа на неговите родители во близина на Белград го пречека поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан. Средбата доаѓа откако двајцата долгогодишни сојузници во рок од седум месеци ги загубија изборите во своите земји. Преку заедничко обраќање на социјалните мрежи, двајцата политичари порачаа дека нивното пријателство останува цврсто и најавија политички реванш.

Вучиќ објави кус видеозапис на социјалната мрежа Икс и на Инстаграм под наслов „Виктор и јас. Приказна на пријатели“, снимен во дворот од куќата на неговиот татко. Во обраќањето, тој го нарече поранешниот унгарски премиер свој брат и оцени дека изборните исходи не влијаат врз нивните позиции.

„Обојцата неодамна изгубивме на избори, но не ги изгубивме достоинството, гордоста, ниту вербата“, рече Вучиќ.

Орбан возврати дека вистинските пријателства стануваат уште посилни во тешки моменти. Тој оцени дека нивното партнерство значело приближување меѓу Србија и Унгарија и посака успех за српскиот народ, завршувајќи со благослов. На крајот од видеото, прегрнувајќи го Орбан, Вучиќ упати кратка порака: „Ќе се вратиме!“.

Поразот на Вучиќ на вонредните парламентарни избори на 25 октомври 2026 година стави крај на неговото 14-годишно владеење со Србија, откако студентските движења и обединетата граѓанска опозиција успеаја да извојуваат победа. Сличен исход се случи и во Будимпешта во април истата година, кога Виктор Орбан, по 16 години на власт, загуби од партијата ТИСА предводена од Петер Маѓар.

Двајцата политичари со години градеа систем на концентрирана лична моќ, контрола врз институциите и медиумски притисоци. Нивната блиска соработка функционираше како главна оска за популистичките и авторитарни политики во Централна и Југоисточна Европа, често користејќи меѓусебна поддршка при соочување со критики од Европската Унија.


Со отворањето на институционалните истраги во двете држави, вклучувајќи ги мерките на новата унгарска влада во борбата против високата корупција и барањата на српското обвинителство за проверка на претседателските одлуки, најавата за нивно враќање на политичката сцена звучи повеќе како обид за консолидација на личните позиции отколку како реална политичка програма.

е-Трн да боцка во твојот инбокс