Метео-предупредување: Обилен дожд и до 60 литри вода до вторник

Метеоролозите најавуваат локално над 60 литри дожд на квадратен метар и пад на температурите, стабилизација се очекува од среда.

Под влијание на изразена циклонска активност, од денеска па сè до вторник земјата ја зафаќа бран од претежно облачно и постудено време со чести врнежи од дожд. Интензитетот на дождот ќе варира, но на повеќе места за само 24 часа ќе наврнат над 25 литри на квадратен метар. Најкритични денови со пообилен воден талог ќе бидат недела и вторник, со што се отвора ризик од локални поплавувања на градските сообраќајници.

Циклонот веќе услови пад на дневните температури, а вистинскиот бран на врнежи се очекува во наредните три дена. Најсилен интензитет на дождот метеоролозите прогнозираат за недела, како и во понеделник кон крајот на денот и во текот на ноќта кон вторник.

Во одделни региони вкупната количина на дожд во овој период ќе надмине 60 литри на квадратен метар. Ваквиот интензитет бара зголемена будност кај општинските комунални служби, особено околу одржувањето на атмосферската канализација и чистењето на одводните сливници пред главниот бран.

Во главниот град времето ќе се задржи облачно со повремени врнежи од дожд, кои поосетно ќе засилат во недела попладне, како и во ноќта кон вторник. За целиот прогнозиран период во Скопската Котлина се очекува да паднат над 40 литри дожд на квадратен метар, проследени со слаб северен ветер.

Дневните температури во Скопје и околината значително се намалија, па живата во термометрите во попладневните часови се задржува околу 11 до 12 степени Целзиусови.

Мерењата од попладневните часови покажуваат дека на Попова Шапка температурата веќе се спушти до 1,2 степени, додека во Крушево и Лазорополе изнесува меѓу 4 и 5 степени. Во поголемиот дел од градовите, како Битола, Прилеп, Штип и Охрид, вредностите се движат меѓу 8 и 10 степени.

Во понеделник и вторник минималните температури на ниво на целата држава ќе се спуштат до 5 степени, додека дневните максимални ќе достигнат од 8 до најмногу 17 степени во најјужните предели. Долж Повардарието дополнително ќе дува засилен северен ветер.


Комплетно смирување на атмосферските прилики и суво време прогнозерите најавуваат од среда, кога облачноста ќе се намали и ќе настапи неколкудневна температурна стабилизација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс