Војната во Судан на 15 април влезе во својата четврта година, во сенка на другите регионални и глобални кризи, и покрај тоа што Обединетите нации ја опишуваат како најголема хуманитарна катастрофа во светот. Конфликтот избувна пред точно три години и засега нема назнаки дека насилството ќе запре, пренесува Ројтерс.
Судирот се води меѓу суданската армија, предводена од генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ), под команда на генералот Мохамед Хамдан Дагало. Двајцата во 2019 година заедно го соборија долгогодишниот автократ Омар ал-Башир, по што Бурхан ја презеде функцијата шеф на државата.
Сепак, по воениот удар со кој беше прекината транзицијата кон цивилна власт, тие влегоа во судир околу плановите за интеграција на нивните сили и започнување нов транзициски процес.
По избувнувањето на војната на 15 април 2023 година, во конфликтот брзо се вклучија бројни локални милиции кои се борат на двете страни, како и странски сили. Истражители на Обединетите нации, американски претставници и суданската армија тврдат дека Обединетите Арапски Емирати обезбедуваат клучна поддршка за РСФ преку неколку соседни земји, што оваа заливска држава го негира. Од друга страна, суданската армија како свои сојузници ги наведува Египет, Турција, Саудиска Арабија и Катар.
РСФ минатата година ја зацврсти контролата врз регионот Дарфур, своето традиционално упориште на западот од земјата, и започна да воспоставува паралелна власт. Армијата, пак, ја контролира источната половина од Судан.
Борбите моментално се концентрирани во регионот Кордофан, кој се наоѓа меѓу двете спротивставени зони, како и долж границата со Етиопија на југоистокот, каде што РСФ отвори нов фронт.
Во меѓувреме, војувањето со дронови во голема мера ги замени копнените операции како главен начин на борба, овозможувајќи им на паравоените сили да ја намалат претходната воздушна предност на армијата. Како и претходните гранатирања и бомбардирања, и нападите со дронови придонесуваат за голем број цивилни жртви. Според податоците на Обединетите нации, само оваа година во такви напади загинале најмалку 700 цивили.
Последиците за цивилното население се разорни. Обединетите нации проценуваат дека речиси три четвртини од населението има потреба од хуманитарна помош. Во најпогодените подрачја е прогласен глад или постои сериозна опасност од глад, што дополнително се влошува поради блокади и административни пречки од завојуваните страни.
Поради колапсот на здравствениот систем, во многу делови од земјата се шират болести како денга треска.
Во текот на војната, РСФ спроведуваше бранови етнички мотивирани убиства, кои истражителите на Обединетите нации ги опишаа како злосторства со елементи на геноцид. Последен таков случај е забележан во градот ал-Фашир во Северен Дарфур.
Поради насилството и недостигот од ресурси, невозможно е да се утврди точниот број жртви. Суданското Министерство за здравство соопшти дека документирало 11.209 смртни случаи во поголемиот дел од земјата, но експертите проценуваат дека реалниот број е многу поголем и се мери во стотици илјади.
И покрај огромните потреби, апелот на Обединетите нации за помош на Судан за 2026 година е финансиран со само 17 проценти. Во исто време, Соединетите Американски Држави ја намалуваат странската помош, европските донатори ги кратат средствата, а земјите од Персискиот Залив се насочуваат кон билатерална помош.
Хуманитарните организации известуваат дека ги намалуваат своите активности, додека празнината се обидуваат да ја пополнат локални групи за меѓусебна помош, како што се таканаречените „соби за итни интервенции“, кои дури се номинирани за Нобелова награда за мир.
Сепак, студија на хуманитарната организација „Исламик рилиф“ покажа дека повеќе од 40 проценти од локалните народни кујни што ги водат овие групи морале да се затворат поради недостиг на поддршка.
Иако војната привлече внимание од светските лидери, вклучително и американскиот претседател Доналд Трамп, малку мировни иницијативи покажаа вистински напредок. Дополнителен проблем претставуваат спротивставените интереси на регионалните сили.
Соединетите Американски Држави ја предводеа иницијативата позната како „Квартет“, во која учествуваат Египет, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, и која минатата година им предложи на двете страни прелиминарен договор за прекин на огнот. Сепак, како што се менува ситуацијата на терен, и армијата и РСФ наизменично прифаќаат и одбиваат посредување, а крајот на конфликтот сè уште не се наѕира.