Иако Шар Планина официјално е заштитена како национален парк, сликата на терен покажува поинаква реалност. Во близина на селото Бродец се фрлаат стар мебел, домашен отпад и градежен шут, а делови од коритото на реката Пена се покриени со отпад.
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, признава дека состојбата е алармантна и дека едноставни акции за чистење не се доволни за справување со масовното загадување.
„Тука сме да ја исчистиме оваа зона од отпад. И самите од увидот на терен констатиравме дека е потребна посериозна интервенција и активности за ова подрачје постепено да се врати во природната убавина, и граѓаните отпадот да го одложуваат таму каде што треба, а не насекаде, со што се загадува животната средина“, изјави Касами.
Од друга страна, директорот на Националниот парк „Шар Планина“, Евзал Елмази, потврдува дека досега не е изречена ниту една казна. Тој вели дека проблемот не може да се реши само со санкции, бидејќи жителите немаат соодветна алтернатива за одложување на отпадот.
„Ова е проблем што бара сеопфатно и долгорочно решение. Не е целта веднаш да почнеме со казни. Станува збор за 27 населени места во рамки на паркот, особено планинските села се соочуваат со вакви проблеми. Потребна е координација со Општина Тетово и Министерството за животна средина за да се најде трајно решение. Казните нема да дадат резултат ако нема алтернатива каде граѓаните да го одложуваат отпадот“, изјави Елмази.
Недостигот од официјална депонија за кабаст отпад во Тетово и околината доведе до тоа граѓани и приватни компании да го фрлаат отпадот директно во природата или во реката Пена.
Оваа институционална неактивност постепено ја претвора една од најубавите планински области во дива депонија. Наместо да биде пример за заштитена природа, Шар Планина повторно станува пример за тоа како недостигот од систем, контрола и инфраструктура ја поништуваат заштитата што постои само на хартија.