Што му се случува на организмот ако наутро не испиете чаша вода?

Телото губи течности и додека спиеме, па утрото е добра можност да ја надоместиме водата. Но, дали е проблем ако не пиете веднаш по будењето?

Ако денот го започнувате со чаша вода, веќе правите нешто добро за организмот. По неколку часа сон, во текот на кои не внесуваме течности, телото има потреба да ја надомести изгубената вода. Но, што ако наутро не сте жедни или едноставно заборавите да се напиете вода? Дали тоа може да влијае врз здравјето?

Според здравствениот портал „Хелт“ (Health), утринската чаша вода има неколку предности, но не е задолжителна ако во текот на денот внесувате доволно течности. Поважно е да останете добро хидрирани во текот на целиот ден отколку да се придржувате до строго правило дека мора да пиете вода веднаш по будењето.

Телото губи течности и додека спиеме

Додека спиеме, организмот продолжува да губи вода преку дишењето и потењето. Се проценува дека во текот на ноќта на овој начин може да изгубиме меѓу 400 и 700 милилитри вода. Поради тоа, некои луѓе се будат со благ недостиг од течности, особено ако претходниот ден не пиеле доволно вода.

Ако наутро не ја надоместиме изгубената течност, подоцна во текот на денот може да ни биде потешко да внесеме доволно вода. Кога ќе започнат секојдневните обврски, често забораваме на хидратацијата, па утрото е добра можност да воспоставиме навика за редовно пиење вода.

Колку вода му е потребна на организмот?

Потребната количина течности зависи од повеќе фактори, меѓу кои телесната тежина, физичката активност, температурата на воздухот и општата здравствена состојба. Потребите не се исти кај сите луѓе и може значително да се зголемат при топло време или физички напор.

Според препораките на американскиот Институт за медицина наведени во изворниот текст, возрасните жени треба дневно да внесуваат приближно 2 до 2,7 литри течности, а мажите од 2,5 до 3,7 литри. Во овие количества се вклучува и водата што ја добиваме преку храната, а не само онаа што ја пиеме.

Затоа, ако не испиете чаша вода веднаш по будењето, тоа само по себе не значи дека ќе дехидрирате. Најважно е во текот на денот редовно да внесувате течности и да ги приспособите количините на сопствените потреби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс