Што му порача Путин на светот од новата Дума?„Нема да молиме за милостина“

На првата седница на новиот состав на Државната дума, Владимир Путин одржа говор во кој буџетот беше во центарот, но една реченица веднаш го привлече вниманието. Рускиот претседател рече дека Русија нема да „трча низ светот со испружена рака“ и понижувачки да бара финансиска помош. Како што објасни, тоа е понижувачки, никој нема да ѝ даде пари и, пред сè, на Русија не ѝ е потребно.

Путин не кажа на кого точно мисли кога зборуваше за „некои други“, но изјавата веднаш беше протолкувана како алузија на Украина, која во голема мера се потпира на западната финансиска и воена поддршка. Зад реченицата за „испружената рака“ стојат и други пораки за војната, окупираните украински територии, составот на новата Дума и односите со Европа.

1. „Нема да молиме“ – порака за Украина и Европа

Путин ја искористи дебатата за буџетот за да ја нагласи финансиската самостојност на Русија.

„Русија, како некои, да не покажуваме со прст, не може да трча низ светот и понижувачки да моли за милостина со испружена рака“, рече тој.

Во говорот не ја спомена Украина. Сепак, контекстот е очигледен: Киев и понатаму зависи од голема финансиска и воена помош од западните држави. Во исто време, сликата за руската економија не е толку едноставна. Рускиот буџетски дефицит во првите осум месеци од 2026 година достигна околу 2,5 отсто од БДП, над првично планираните 1,6 отсто за целата година. Путин претходно оцени дека дефицитот не претставува критичен ризик, но растот на трошоците за војната врши притисок врз руските јавни финансии.

Затоа неговата порака е истовремено економска и политичка: Москва сака да покаже дека, и покрај санкциите и трошоците за војната, не смета на надворешна финансиска помош.

2. Окупираните украински региони во новата Дума

Новата Дума е првиот руски парламент во кој ќе има пратеници избрани и од четирите украински региони што Москва ги прогласи за анектирани во 2022 година – Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје. Русија организираше гласање и на територии на Украина што ги контролира, но Украина и голем број западни држави не ги признаваат тие избори ниту руската анексија на регионите.

Путин во својот говор зборуваше за „обединувањето“ на овие територии со Русија и го претстави процесот како завршен факт. Тоа е важен сигнал за руската позиција во однос на евентуалните мировни преговори: Москва продолжува политички и институционално да ги третира овие региони како дел од Русија.

3. Војната влегува и во парламентот

Во новата Дума има десетици учесници во војната во Украина. Првично од „Обединета Русија“ беше соопштено дека во парламентот ќе влезат 86 учесници во војната, но бројката подоцна беше коригирана. Според конечните податоци на руската Централна изборна комисија, избрани се 46 ветерани на воената кампања, од кои 41 се од „Обединета Русија“.

Така, во новиот состав на рускиот парламент се зголемува присуството на луѓе со директно воено искуство. Путин во говорот им се заблагодари на учесниците во војната и ја истакна нивната „посветеност на државата“.

Тоа е повеќе од кадровска промена. Во Русија, военото искуство станува важен дел од политичкиот профил на новата генерација функционери.

4. „Победа“, а не само примирје

Во говорот Путин не зборуваше само за економија. Тој ги повика пратениците да ја зајакнат одбраната и „да направат сè за победата“. Тоа е важен избор на зборови.

Наместо порака дека Москва се подготвува за брзо завршување на војната, Путин повторно ја постави „победата“ како политичка цел.

Говорот дојде по парламентарните избори од 18 до 20 септември, кои се одржаа во услови на продолжени украински напади со дронови врз руска територија. Во исто време, Москва реагираше остро на можноста Украина да добие поширока употреба на „Старлинк“ за напади длабоко во руска територија. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, тоа го нарече „опасен и непромислен чекор“.

5. Дума со огромно мнозинство на „Обединета Русија“

Резултатот од изборите му обезбеди на Путин парламент со убедливо мнозинство на владејачката „Обединета Русија“. Партијата освои 349 од 450 места во Државната дума. Комунистичката партија доби 37, ЛДПР 23, „Нови луѓе“ 19, а „Праведна Русија – За вистината“ 17 места. Тоа значи дека „Обединета Русија“ контролира повеќе од три четвртини од пратеничките места.

За споредба, новиот состав е значително обновен според руските извештаи, околу 41 отсто од Думата се нови пратеници. Затоа првата седница не беше само формален почеток на нов парламентарен мандат. Таа беше и демонстрација на политичката архитектура во која Москва ќе ги носи одлуките во следните години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс