Шпанија во шок по железничката катастрофа: Се истражува човечка грешка како причина за судирот на два брзи воза

Најмалку 50 лица загинаа, а десетици се повредени во судирот во близина на Урда, во провинцијата Толедо. Според првичните информации објавени од шпански медиум, диспечер на железничката инфраструктура можеби му дозволил на едниот воз да тргне без да го предупреди дека пред него има запрен воз.

Најмалку 50 лица загинаа, а десетици се повредени во утринскиот судир на два брзи воза во местото Урда, во провинцијата Толедо, потврдија шпанските служби. Додека спасувачките екипи и војската сè уште ги извлекуваат настраданите од уништените вагони на железничката линија Мадрид – Севиља, шпанското Министерство за транспорт, според пишувањето на весникот „А-Бе-Се“, ја посочило човечката грешка како водечка хипотеза за причините за катастрофата.

Станува збор за првична претпоставка што треба да биде потврдена со истрагата.

Дефект во сигнализацијата и воз што останал на шините

Според информациите што ги објави „А-Бе-Се“, трагедијата се случила за време на поправка на дефект во сигналниот систем. Техничар на јавниот железнички оператор Адиф работел на отстранување на проблемот со главната сигнализација, при што, според досегашната реконструкција, не го предупредил брзиот воз АВЕ дека на истата пруга, непосредно пред него, стои запрен воз на компанијата Ирио.

Првичната полициска реконструкција укажува дека во еден момент двата воза биле запрени. Потоа, наводно, операторот му дал дозвола на возот АВЕ да продолжи, без машиновозачот да биде известен дека возот на Ирио сè уште се наоѓа пред него.

Бидејќи сигнализацијата не функционирала како што треба, АВЕ силно удрил во задниот дел на запрениот воз. Два вагона биле целосно уништени и исфрлени надолу по железничкиот насип.Надлежните сè уште ги утврдуваат околностите што довеле до судирот, вклучително и улогата на сигналниот систем и постапувањето на железничкиот персонал.

Болниците се подготвуваат за прием на повредени

Сцените на местото на несреќата се тешки, а полицајците кои први пристигнале пријавиле дека телата на загинатите биле заробени во деформираните метални конструкции на вагоните. Болниците во регионот Кастилја-Ла Манча и во Мадрид итно ослободуваат кревети на одделенијата за интензивна нега и подготвуваат операциски сали за прием на тешко повредените.

Во спортската сала во Урда е организиран прифатен центар за полесно повредените, како и простор за помош и поддршка на семејствата на жртвите.

Синдикатот на машиновозачите претходно најавил штрајк

Несреќата повторно ги отвори прашањата за одржувањето и безбедноста на шпанската железничка инфраструктура. Особено внимание привлече фактот што водечкиот синдикат на машиновозачите, Семаф, уште претходно најавил 24-часовен штрајк за следниот ден.

Како причина за протестот, синдикатот ги навел недоволната примена на неопходните безбедносни мерки на брзите железнички линии и сè почестите дефекти во системите за сигнализација. Шпанскиот министер за транспорт, Оскар Пуенте, ги откажал сите планирани обврски и се упатил во кризниот контролен центар, од каде што ја следи работата на службите за итни случаи и првичните резултати од истрагата.


Железничкиот сообраќај на брзата линија меѓу Мадрид и Андалузија е целосно прекинат до понатамошно известување. Истражителите ги сослушуваат дежурните техничари и останатиот персонал за да ги утврдат сите околности што довеле до несреќата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс