Шпанија се соочува со еден од најекстремните топлотни бранови во својата понова историја, при што се соборени повеќе температурни рекорди низ земјата. Според шпанската државна метеоролошка агенција AEMET, 22 и 23 јуни се најтоплите јунски денови откако започнале официјалните мерења во 1950 година.
Просечната температура на Иберискиот Полуостров била дури 7,1 степен Целзиусов над вообичаените вредности за овој период од годината. Нов температурен рекорд е измерен во местото Тама, во регионот Кантабрија, каде термометрите покажале неверојатни 43,7 степени Целзиусови. Екстремните горештини веќе ја однесоа и првата човечка жртва. Шеесет и осумгодишен маж од Алмерија, во јужниот регион Андалузија, починал од топлотен удар откако му се слошило поради високите температури.
Здравствените служби низ земјата бележат значително зголемување на бројот на интервенции поврзани со жештините. Само во Баскија, 44 лица побарале медицинска помош поради симптоми предизвикани од високите температури, додека во Андалузија се регистрирани стотици случаи од средината на мај наваму.
Локалните власти преземаат итни мерки за заштита на населението. Во Сарагоса и Уеска се намалени цените на билетите за јавните базени, а во Логроњо влезот е целосно бесплатен за време на топлотниот бран. Во повеќе градови се отворени и климатизирани јавни простори, познати како „засолништа за топлина“, каде граѓаните можат да се разладат и да се заштитат од опасните температури. Поради зголемениот ризик од шумски пожари, во неколку шпански градови се откажани дел од традиционалните прослави за празникот Сан Хуан, вклучувајќи логорски огнови и огномети.
Метеоролозите предупредуваат дека ваквите екстремни топлотни бранови стануваат сè почести и започнуваат порано од вообичаено, а научниците оваа појава ја поврзуваат со забрзаните климатски промени и глобалното затоплување.