Шпанија е новиот светски шампион во фудбал. Во големото финале на Светското првенство во САД, шпанската репрезентација ја совлада Аргентина со 1:0 по продолженија, а човек на одлуката беше Феран Торес, кој погоди во 106. минута. Со ова, Шпанија ја освои својата втора светска титула, откако претходно триумфираше во 2010 година, додека Аргентина не успеа да ја одбрани титулата освоена во Катар во 2022 година.
Финалето започна претпазливо и без многу шанси. Шпанците ја контролираа играта и поседот на топката, но не успеваа да ја пробијат цврстата аргентинска одбрана. Најдобрата можност во првиот дел ја имаше Ламин Јамал, чиј удар во петтата минута го одбрани извонредниот Емилијано Мартинез.
Аргентина, пак, не упати ниту еден удар кон голот во првото полувреме, а дополнителен проблем за селекторот Лионел Скалони беше повредата на Лисандро Мартинез, кој мораше предвреме да ја напушти играта.
Во второто полувреме притисокот на Шпанија стануваше сè посилен. Феран Торес, Ајмерик Лапорт и останатите шпански фудбалери создаваа шанси, но Мартинез со серија фантастични интервенции ја одржуваше Аргентина во игра. Клучниот момент пред продолженијата се случи во судиското надополнување, кога Енцо Фернандез заработи втор жолт картон и беше исклучен, оставајќи ја Аргентина со играч помалку.
Шпанија ја искористи бројната предност во продолженијата. Во 96. минута голот на Нико Вилијамс беше поништен поради прекршок во почетокот на акцијата, но десет минути подоцна „фуријата“ конечно ја скрши аргентинската одбрана. Во 106. минута, по центаршут на Педро Поро, Нико Вилијамс со глава ја спушти топката до Феран Торес, кој од непосредна близина силно погоди за 1:0 и донесе огромна радост за Шпанија.
Аргентина до крајот се обиде да стигне до израмнување и покрај играчот помалку. Најголемата можност ја пропушти Џулијано Симеоне, чиј удар од добра позиција заврши над голот. Иако неговата репрезентација остана без титулата, Емилијано Мартинез беше еден од хероите на финалето. Аргентинскиот голман забележа 11 одбрани и со своите интервенции долго време ја одржуваше неизвесноста.
На крајот, доминацијата на Шпанија беше наградена со највредниот трофеј. По 16 години, „црвената фурија“ повторно се искачи на светскиот фудбалски трон.