Компанијата „Шате Керамика“ одбележа 31 година постоење со ексклузивен настан организиран во просториите на компанијата, каде низ уметност, музика и ретроспектива беше претставен патот на брендот од семеен бизнис до еден од препознатливите лидери во индустријата за ентериер и керамика во земјава.

Во текот на свеченоста беше истакнато дека зад повеќе од три децении развој стојат конзистентноста, довербата и јасно поставените вредности врз кои компанијата го градела својот идентитет. Од менаџментот порачаа дека низ годините компанијата се менувала и се адаптирала на новите трендови и барања на пазарот, но без да отстапи од основните принципи – квалитетни производи, професионална услуга и фер однос кон клиентите и партнерите.

Настанот беше осмислен како спој на естетика, креативност и корпоративна приказна. Посебно внимание привлече уметничкиот перформанс на уметникот Ковски, кој преку концепт на „жива уметност“ инспирирана од текстурата на мермерот ја претстави идејата за трансформирање на материјалот во трајна естетска вредност. Преку симболичен визуелен израз беше пренесена и филозофијата на брендот – создавање простори што комбинираат функционалност, дизајн и долговечност.
Во рамки на програмата беше прикажана и видео-приказната „31 години Шате“, која ги опфати најзначајните моменти од развојот на компанијата, генерациската посветеност и еволуцијата на брендот низ годините. Од компанијата посочија дека токму семејната основа и долгорочната визија биле клучни во градењето стабилен и препознатлив бренд на домашниот пазар.

Менаџментот во состав Билјана Гочевска, Фросина Додевска и Александар Гочевски ги претстави и идните планови на компанијата, со акцент на модернизација на продажниот пристап, воведување нови концепти во ентериер дизајнот и проширување на присуството на меѓународните пазари. Компанијата најави продолжување на инвестициите во иновации и развој, следејќи ги современите светски трендови во индустријата.
Во текот на вечерта беа доделени благодарници за долгогодишна соработка на вработени, партнери и соработници, како признание за нивниот придонес во растот и развојот на брендот. Гостите имаа можност да уживаат и во live cooking концепт со шпански и италијански гастрономски корнер, signature коктели и музичка програма со Пламенка, Ивона Јо и ConturDJ.
Со одбележувањето на 31-годишнината, „Шате Керамика“ уште еднаш ја потврди својата позиција како бренд што успешно ги спојува традицијата, современиот дизајн и иновацијата, останувајќи препознатлив по создавање естетски и квалитетни простори што траат.