„Сестра, брат и шахта“ на Манчевски со светска премиера во Токио

Сатира за брат и сестра што крадат бисти за преживување патува на реномираниот фестивал во Јапонија по правната битка со Агенцијата за филм.
Фото: Still from the film. Filip Trajkovikj as Viktor and Sara Klimoska as Malina. Director of photography Stefano Falivene

Новиот игран филм на режисерот Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, ќе ја има светската премиера на 30 октомври во Токио, во натпреварувачката селекција на Меѓународниот филмски фестивал од А-категорија. Дел од актерската екипа предводена од режисерот ќе продефилира на црвениот килим на отворањето на фестивалот на 26 октомври.

Филмот претставува црна комедија сместена во денешна Македонија за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството. Нивниот начин за преживување е кражба на бисти и шахти кои подоцна ги препродаваат како старо железо.

„Пред сè, ми се допадна премисата на филмот – распродажба на народни херои на кило! Брат и сестра крадат споменици и ги продаваат за старо железо. Па и шахти… Одлично!“, вели продуцентот на филмот Јане Ќортошев, кој додава дека странските копродуценти биле привлечени од приказната и специфичниот јазик.

Режисерот Манчевски ова дело го опишува како остра сатира и нежна студија. „Нашите Ивица и Марица крадат бисти за да преживеат и еден убав ден среќаваат една богата слепа баба“, вели тој.

Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска и Филип Трајковиќ. Климоска посочува дека најголем предизвик ѝ било ранливоста на Малина да не ја направи слаба, туку да ѝ даде сила да го штити својот брат. Трајковиќ, пак, објаснува дека во улогата на Виктор видел оптимизам и чиста љубов која не дозволува самоосудување.

Покрај нив, во актерската екипа настапуваат Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.

Патот на филмот до екраните уследи по правна битка со македонските институции. Агенцијата за филм одобри финансиска поддршка во 2022 година, но подоцна го запре проектот откако Манчевски пријави корупција во ова тело, сомнежи што подоцна ги потврди и Државната комисија за спречување на корупцијата. Режисерот поднесе тужби и доби две судски пресуди против Агенцијата.

Денес институцијата најавува соработка. „Агенцијата за филм, во координација со екипата на филмот, ќе ја поддржи светската премиера во Токио, како и активностите поврзани со неговата промоција и претставување во земјава и во странство“, вели директорот Сашко Мицевски.

Манчевски во период од една година заврши два проекта: играниот „Сестра, брат и шахта“ и долгометражниот документарец „Добри луѓе“, кој го финансираше самостојно и чии приходи одат во хуманитарни цели за Кочани.

Присуството на Манчевски на фестивалот во Токио има историски континуитет. Македонски филм за првпат беше прикажан во Јапонија во 1995 година токму со неговото деби, а потоа на фестивалот се најдоа и насловите „Прашина“ и „Кајмак“.

За новата продукција е ангажиран меѓународен тим. Британскиот автор Дејвид Манс го потпишува дизајнот на продукција, додека директор на фотографија е италијанскиот кинематографер Стефано Фаливене. Костимографијата е на Жаклина Крстевска, кастинг директорка е Милка Анчевска, а шминката ја изработи Бистра Кечиџиева од Бугарија.

Филмот е реализиран како копродукција меѓу компании од Бугарија, Србија, Италија, Велика Британија и Албанија, поддржан од повеќе домашни компании и културни институции. По премиерата на 30 октомври, публиката во Токио ќе има уште две проекции на 2 и 3 ноември.

е-Трн да боцка во твојот инбокс