Сервантес и Дон Кихот: зошто сè уште се бориме со ветерници?

На 9 октомври 1547 година во Алкала де Енарес е крстен Мигел де Сервантес. Точниот датум на неговото раѓање не е познат, но неговиот живот звучи како приказна што би можел да ја напише самиот.

За Сервантес знаеме кога е крстен, но не и кога точно е роден. Се претпоставува дека тоа се случило на 29 септември, на празникот на свети Михаил, бидејќи го добил името Мигел. Неговиот живот, сепак, повеќе личи на авантуристички роман отколку на биографија на писател. Во битката кај Лепанто во 1571 година бил тешко ранет и засекогаш ја изгубил употребата на левата рака. Неколку години подоцна, бродот со кој патувал бил заробен од алжирски пирати, по што пет години поминал како заробеник во Алжир. Четири пати се обидел да избега и четири пати бил фатен. Конечно бил ослободен во 1580 година, откако монаси од редот на тринитарците го платиле откупот.

По враќањето во Шпанија работел како даночен службеник, но поради проблеми со финансиската евиденција и долгови неколкупати завршил во затвор. Токму затворот подоцна ќе стане дел од легендата за создавањето на „Дон Кихот“. Во прологот на првиот дел Сервантес алудира на тоа дека идејата за романот ја добил додека бил затворен.

Витезот што ги брка ветерниците

Првиот дел од „Дон Кихот“ бил објавен во 1605 година и набргу станал книжевен хит. Популарноста била толку голема што десет години по објавувањето се појавило и лажно продолжение. Во 1614 година непознат автор, кој се криел зад псевдонимот Алонсо Фернандес де Авељанеда, објавил сопствена верзија на вториот дел. Сервантес одговорил една година подоцна со својот вистински втор дел, во кој директно си поигрува со лажниот автор и неговото продолжение.

Приказната денес е дел од општата култура: еден благородник чита толку многу витешки романи што почнува да верува дека и самиот е витез. Тргнува во светот на својот коњ Росинант, со верниот штитоносец Санчо Панса покрај себе, решен да се бори против неправдата и злото.

А потоа доаѓаат ветерниците.

Дон Кихот во нив гледа огромни џинови и тргнува во напад, додека Санчо Панса се обидува да му објасни дека пред нив нема чудовишта, туку ветерници. Сцената се случува уште во првиот дел од романот и со векови останува една од најпрепознатливите слики во светската книжевност.

Книгата што писателите ја избраа за најдобра

Во 2002 година, сто писатели од повеќе од 50 земји, во анкета организирана од Норвешкиот бук клуб, го избрале „Дон Кихот“ за најдоброто книжевно дело во историјата. Романот често се смета и за еден од првите, ако не и за првиот модерен роман, токму поради начинот на кој Сервантес си поигрува со раскажувањето, авторството и границата меѓу фикцијата и реалноста.

Сервантес починал во Мадрид на 22 април 1616 година, само еден ден пред традиционално прифатениот датум на смртта на Вилијам Шекспир. Иако двајцата се сметаат за книжевни гиганти од истиот период, нема потврда дека некогаш се сретнале.нТокму поради нивната поврзаност со датумот 23 април, тој ден денес се одбележува како Светски ден на книгата и авторското право.

Посмртните останки на Сервантес биле изгубени со векови. Во 2015 година шпански истражувачи објавија дека во манастирот на босоногите тринитарци во Мадрид пронашле останки за кои се верува дека му припаѓаат на Сервантес, иако поради нивната состојба не било можно со апсолутна сигурност да се потврди идентитетот преку ДНК.

„Дон Кихот“ на македонски

Во македонскиот јазик зборовите „донкихотски“ и „донкихотство“ одамна се дел од секојдневниот јазик. Сепак, приказната за преводите на Сервантес на македонски е многу понеобична. Според трудот на Игор Поповски, по скратените лектирни изданија што се појавиле во 1950-тите, првиот и, според неговото истражување, единствен целосен превод на „Дон Кихот“ на македонски бил објавен дури во 1985 година, во превод на Илија Корубин и Александар Митевски. „Примерни новели“ на Сервантес во целост биле преведени во 2012 година, од Виолета Јагев.

Поповски заклучува дека Сервантес е нерамномерно застапен во македонската култура во споредба со други големи имиња од светската книжевност.

Зошто сè уште се бориме со ветерници

„Дон Кихот“ е истовремено смешен и тажен роман. Тој е приказна за човек кој одбива светот да биде онаков каков што е и упорно се обидува да го направи онаков каков што верува дека треба да биде.

Затоа и зборот „донкихотски“ со векови живее со две лица. Може да означува наивен, нереален и залуден обид, но може да означува и храброст да се спротивставиш на нешто што изгледа многу поголемо и посилно од тебе.

Можеби токму затоа ветерниците на Сервантес сè уште се со нас. Некогаш навистина се бориме со нешто што не е она што мислиме дека е. Но понекогаш, за да се помести светот, прво мора да има некој доволно луд да поверува дека ветерницата може да се победи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс