Сепаратистите од Шкотска, Велс и Северна Ирска ги здружија силите против Лондон

Лидерите на трите клучни регионални партии потпишаа декларација во Кардиф со која бараат референдуми за независност и итно враќање во Европската Унија.
Фото: EPA/JON ROWLEY

Лидерите на Шкотската национална партија, велшката Плаид Камри и ирската Шин Фејн денеска во Кардиф потпишаа заеднички договор со кој бараат право на самоопределување и враќање во Европската Унија. Џон Свини, Рун ап Јорверт, Мишел О’Нил и Мери Лу Мекдоналд порачаа дека британската влада во Вестминстер нема демократски легитимитет да ги блокира желбите на нивните народи да одлучуваат за сопствената иднина.

Состанокот во главниот град на Велс ги собра лидерите како партиски челници, а не како претставници на децентрализираните влади. Шкотскиот премиер и лидер на СНП, Џон Свини, истакна дека трите партии се целосно обединети околу суштината на договорот.

„Нашите нации имаат право на самоопределување. Ниту една влада во Вестминстер нема право да ја блокира демократијата ниту да го поткопува принципот според кој нашите народи сами ќе одлучуваат за својата иднина“, наведоа потписниците во заедничката изјава.

Иако секоја партија води посебна домашна битка, заедничкиот именител останува Брегзит. Шкотска и Северна Ирска на референдумот во 2016 година гласаа со мнозинство за останување во ЕУ, потег што сега служи како главен аргумент за раскинување на врските со Лондон.

Плановите за излез сепак се разликуваат. Додека Шин Фејн цели кон референдум за обединување со Република Ирска, СНП бара нов плебисцит за независна шкотска држава. Плаид Камри во Велс, пак, гради поддршка преку постепено јакнење на автономните овластувања пред распишување гласање.

Заедничкиот фронт создава нов политички притисок врз премиерот Кир Стармер, чија лабуристичка влада веќе ги отфрли сите барања за нови уставни референдуми. За разлика од претходните години кога овие движења дејствуваа изолирано, регионалниот координативен механизам најавува поагресивен институционален отпор против централната власт во Вестминстер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс