Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против 50 годишен жител на Тетово поради основано сомнение дека сторил кривични дела загрозување на сигурноста и неизвршување судска одлука. Случајот повторно го отвора прашањето за почитувањето на мерките за заштита во случаи на семејно насилство.
Според обвинителството, во домот на осомничениот дошле лица кои барале да им ги врати 200 евра што му ги дале за наводно лекување и дијализа на девојчето.
Во разговорот, сопругата на осомничениот признала дека тој ги измамил лицата и најавила дека ќе повика полиција.
Тогаш, според наводите, ситуацијата ескалирала.
Осомничениот започнал да ја удира својата ќерка, а истовремено им се заканувал на сопругата и на девојчето дека ќе ги запали доколку повикаат полиција и доколку тој биде приведен. Со заканите, според обвинителството, кај оштетените предизвикал чувство на страв и загрозеност.
Имала и претходно изречени мерки за заштита
Особено значајно во случајот е што осомничениот, според обвинителството, претходно имал изречени мерки за заштита од семејно насилство од страна на Основниот суд во Тетово.
Сепак, и покрај постоењето на судските мерки, тој повторно се сомничи дека извршил насилство и упатувал сериозни закани кон членовите на своето семејство. Со тоа, според обвинителството, не ги почитувал претходно определените судски мерки.
Обвинителството бара притвор
Имајќи ги предвид околностите на случајот, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
За тоа дали ќе му биде определен притвор ќе одлучи надлежниот суд.
Случајот е уште еден предмет во кој институциите постапуваат по сомневање за семејно насилство во Тетово. Во јули годинава, во друг одделен случај, Основното јавно обвинителство Тетово исто така побарало притвор за 50 годишен маж осомничен дека сериозно ѝ се заканувал на сопругата, иако претходно бил предмет на пријава за семејно насилство.