Во НУ Народен театар Битола денеска се одржа прес-конференција по повод најновата премиера „Секстет“ од Марк Камолети, во режија и адаптација на Марјан Георгиевски. Претставата премиерно ќе биде изведена на 25 април 2026 година, а репризата е закажана за 27 мај, со почеток во 20 часот.
На средбата со медиумите присуствуваше дел од креативната екипа, меѓу кои актерите Николчe Пројчевски и Марија Цветановска, режисерот Марјан Георгиевски, како и директорот на НУ Народен театар Битола, Васко Мавровски.
Во своето обраќање, Мавровски истакна дека претставува особено задоволство што на сцената на театарот, по пауза од 25 години, повторно се поставува ваков тип комедија. Тој посочи дека станува збор за жанр кој со својата динамика, духовитост и современ сценски израз ветува одлична комуникација со публиката.
Режисерот и актерите зборуваа за процесот на создавање на претставата, за специфичниот комичен ритам на текстот на Камолети, како и за предизвикот и задоволството што го носи работата на ваков сценски проект.
На прес-конференцијата беше најавена и нова соработка со две компании од Битола, СН Сервис, професионален сервис за хигиена, и MAK BPO, компанија која нуди услуги за аутсорсинг на деловни процеси, специјализирана за поддршка на медицинска и правна пракса.
Од НУ Народен театар Битола изразија благодарност за поддршката и довербата, како и за интересот на медиумите и јавноста за оваа долгоочекувана премиера.
Креативниот тим на претставата го сочинуваат Марјан Георгиевски како режисер и адаптатор, Андреј Георгиевски како костимограф, Влатко Чачоровски за сценографијата, Александар Димовски за музиката, Горан Петровски за светло, Николче Терзиевски за тон, Сандра Грибовска за дизајн на колажи и Михајло Димитриевски – The Micho за дизајн на постерот.
Во претставата играат Николчe Пројчевски, Катерина Аневска Дранговска, Александар Димитровски, Сандра Грибовска Илиевска, Марија Цветановска и Борче Ѓаковски. Инспициенти се Димитар Михајловски и Оливер Петровски, а суфлер е Гордана Михајловска.