Сечиси секој петти жител на Германија живее сам, покажуваат најновите податоци на германскиот Сојузен завод за статистика. Во текот на 2025 година околу 17,3 милиони луѓе живееле во едночлени домаќинства, што претставува 20,9 проценти од вкупното население на земјата. Бројката е речиси непроменета во споредба со 2024 година, кога биле регистрирани 17,4 милиони лица кои живееле сами.
Сепак, во подолг временски период трендот бележи значителен раст. Во споредба со состојбата пред две децении, бројот на луѓе што живеат сами е зголемен за 22,3 проценти. Социологот Александер Лангенкамп смета дека овој тренд не треба автоматски да се гледа како негативна појава.
„Денес луѓето имаат поголеми финансиски можности да живеат самостојно, а од овој тренд особено корист имаат жените“, посочува Лангенкамп. Статистиката покажува дека животот во едночлено домаќинство е многу почест во урбаните средини. Во градовите со повеќе од 100.000 жители, 25,9 проценти од населението живеело само во 2025 година.
Во општините со меѓу 20.000 и 100.000 жители уделот изнесувал 20,6 проценти, додека во помалите места со помалку од 20.000 жители процентот бил најнизок – 17,2 проценти. Најчесто сами живеат повозрасните граѓани. Кај лицата постари од 65 години, секој трет жител или 34,4 проценти живеел сам во текот на минатата година.
Уште поизразен е трендот кај најстарите генерации. Меѓу лицата на возраст од 85 години и повеќе, повеќе од половина – 55,8 проценти, живеат сами. Експертите посочуваат дека стареењето на населението, подолгиот животен век и промените во семејните и општествените навики се меѓу главните причини за растот на едночлените домаќинства во Германија.