Седум ученици загинаа, а речиси 100 се повредени во експлозија кај училиште во Авганистан

Првичните наоди на локалните власти во провинцијата Кунар укажуваат на невнимание во магацин за експлозив на рударски компании.

Седум ученици го загубија животот, а до 99 лица се повредени во силна експлозија што одекна во близина на училиште во североисточната авганистанска провинција Кунар. Информацијата ја потврди портпаролот на талибанското Министерство за внатрешни работи, Абдул Матин Кани, пренесува агенцијата Ројтерс. Истрагата е во тек, а првичните индиции покажуваат дека инцидентот е предизвикан од невнимание при складирање експлозивни материјали.

Експлозијата се случила на периферијата на Асадабад, административниот центар на провинцијата Кунар, која се наоѓа на границата со Пакистан. Според извештајот на агенцијата Асошиејтед прес, видеоснимките објавени на социјалните мрежи покажуваат сериозно оштетување на училишниот објект, чиј дел целосно се урнал од силината на ударот.

На истите снимки се гледаат приватни автомобили со кои повредените деца итно се превезуваат кон ургентниот центар во болницата во Асадабад. Сами ул Хак Бајан, раководител на провинцискиот оддел за култура и информирање, соопшти дека до 15 повредени лица се задржани на болничко лекување, додека останатите се пуштени дома по укажаната медицинска помош.

Според изјавата на Бајан, првичните податоци од теренот упатуваат на тоа дека експлозијата настанала поради невнимание во магацин за експлозивни средства кои им припаѓаат на рударски компании. Авганистанските власти покренаа официјална истрага за утврдување на сите околности и најавија објавување дополнителни информации по нејзиното завршување.


Рударството претставува значајна стопанска гранка во Авганистан, земја богата со природни ресурси како железна руда, бакар, олово, цинк, злато, јаглен и скапоцени камења. Во провинцијата Кунар во последните години е забележан пораст на експлоатацијата на скапоцени камења, кои рударските компании потоа ги продаваат на аукции, но секторот често функционира со ниски безбедносни стандарди што резултира со тешки несреќи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс