Најмалку шест лица загинаа, а повеќе се повредени при уривање на зграда во главниот град на Индија, Њу Делхи. Спасувачките екипи ги пребаруваат урнатините во потрага по лица кои можеби останале затрупани. Несреќата се случила вчера во објект кој се користел за сместување студенти. Зградата се наоѓала во јужниот дел на градот, во близина на повеќе факултети.
Според локалните медиуми, објектот имал подрум и пет ката.
„Во подрумот на зградата сигурно имало вода. Поради насобраната вода и работите за одржување што се изведувале, старата зграда се урна“, изјавила главната министерка на Делхи, Реха Гупта.
Продолжува потрагата по преживеани
Снимките од местото на несреќата покажуваат купишта тули и уништени бетонски столбови. На терен, покрај спасувачите, се и полицајци и локални жители кои помагаат во расчистувањето на урнатините. Шест лица биле извлечени од урнатините и пренесени во болница. Според Гупта, нивната состојба е стабилна.
Полицијата, според локалните телевизии, трага по сопственикот на урнатиот објект.
Уривањата се чест проблем во Индија
Уривањето на згради е чест проблем во Индија, особено во густо населените градски подрачја. Меѓу главните причини се непланската и нелегалната градба, слабата инспекциска контрола и недоволното спроведување на градежните прописи.
Во тек е истрага која треба да ги утврди точните околности и причините за уривањето.