Се подготвува нов распоред за евтината струја со измени на дневната, ноќната и викенд тарифата

Регулаторната комисија за енергетика подготвува нов модел со кој евтината струја ќе се продолжи преку ден и ќе се воведе во сабота, додека ноќната тарифа ќе претрпи кратења поради берзанските цени.

Долгогодишните навики на граѓаните за користење на евтината електрична енергија во главно во ноќните часови набрзо би можеле целосно да се променат. Регулаторната комисија за енергетика во моментов изработува детална анализа за реформа на актуелниот тарифен систем. Главната цел на овие промени е да им се овозможи на домаќинствата пониски трошоци, но и да се постигне максимално и поефикасно искористување на струјата што се произведува од сè побројните домашни сончеви електрани.

Првиот човек на Регулаторната комисија, Ацо Ристов, најави дека на маса се неколку конкретни решенија кои вклучуваат продолжување на евтината дневна тарифа и воведување на поволни цени во сабота, но истовремено се разгледува и опцијата за скратување или целосно укинување на дел од ноќната евтина тарифа. Според досегашните показатели, најголем простор за маневрирање има во интервалот меѓу единаесет и петнаесет часот преку денот, бидејќи тогаш на регионалните пазари се појавуваат сериозни вишоци на струја, што резултира со драстично пониски цени. Преку проширување на евтината тарифа во овој дел од денот, надлежните сакаат да ги мотивираат граѓаните да ја префрлат поголемата потрошувачка токму тогаш.

Од друга страна, економската логика за одржување на сегашната евтина ноќна тарифа веќе не е одржлива. Како што посочуваат од комисијата, состојбите на пазарот денес се дијаметрално спротивни во споредба со минатото, па така најскапата електрична енергија на берзите се регистрира токму во периодот меѓу дваесет и еден часот и полноќ, кога кај нас сè уште важи намалената цена. Како противтежа на ова кратење, сериозно се анализира идејата евтината струја да се активира и во сабота. Бидејќи за време на целиот викенд индустриските капацитети работат со намален интензитет, на пазарот остануваат големи количини на слободна енергија која домаќинствата би можеле да ја искористат под далеку поповолни финансиски услови.

Иако конечната одлука сè уште не е формално донесена, математичките пресметки треба прецизно да покажат дали овие промени во пракса ќе значат помали сметки за граѓаните. Доколку ревизијата ги потврди очекувањата, новиот модел би стапил на сила од почетокот на наредната година, при што постои можност дел од правилата да се применуваат сезонски, односно во пролетните и летните месеци кога сончевото производство е на врвот. Пред каква било конечна измена, од Регулаторната комисија ветуваат широка јавна расправа со сите засегнати страни за да се дојде до најдоброто решение за потрошувачите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс