Иран, САД и Пакистан најавија можен напредок во преговорите за завршување на речиси тримесечниот конфликт, а дипломатските сигнали од Техеран и Вашингтон укажуваат дека во наредните денови би можело да се постигне договор.
Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека Техеран е фокусиран на финализирање меморандум за разбирање, по состанокот меѓу главниот ирански преговарач Мохамад Бакер Калибаф, шефот на дипломатијата Абас Аракчи и началникот на пакистанската армија Асим Мунир.
Мунир, пред заминувањето од Техеран, се сретнал и со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, пренесоа иранските државни медиуми. Пакистанската армија соопшти дека разговорите во последните 24 часа донеле „охрабрувачки напредок“ кон конечен договор.
Рубио: „Во следните денови можеби ќе имаме што да соопштиме“
Американскиот државен секретар Марко Рубио, кој престојува во Индија, изјави дека е постигнат одреден напредок во врска со Иран и дека САД наскоро би можеле јавно да се огласат.
„Постигнат е одреден напредок, а и додека го зборувам ова се водат дополнителни разговори. Можно е подоцна денеска, утре или во следните неколку дена да имаме што да соопштиме“, изјави Рубио во Њу Делхи.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, оцени дека тензиите оваа недела се намалиле, но додаде дека сè уште има спорни прашања што мора да се решат преку посредници.
„Ќе треба да почекаме и да видиме каде ќе заврши ситуацијата во следните три или четири дена“, рече Багаеи.
Во фокусот документ од 14 точки
Според информациите, разговорите се водат околу документ од 14 точки предложен од Иран, кој претставува главна рамка за можен договор. Едно од клучните прашања е американската блокада на ирански бродови, но Техеран како приоритет го посочува запирањето на нови американски напади и актуелниот конфликт во Либан, каде што Хезболах, сојузник на Иран, се судира со израелските сили.
Од американска страна, Рубио повторно ги истакна условите на претседателот Доналд Трамп.
„Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје. Ормутскиот теснец мора да остане отворен без наплата на такси, а Иран мора да го предаде својот збогатен ураниум“, изјави Рубио.