Се наоѓаат во Африка, но се дел од Шпанија: Зошто Сеута и Мелиља не се марокански територии?

Двата шпански града на северниот брег на Африка со векови се под шпански суверенитет, а Обединетите нации не ги сметаат за колонии или територии што треба да се деколонизираат
Фото: EPA/REDUAN DRIS

На картата изгледаат како два мали европски острови на африканскиот континент, опкружени со територијата на Мароко. Но, Сеута и Мелиља се дел од Шпанија со векови. Токму нивниот необичен географски и историски статус периодично го отвора прашањето за тоа кому му припаѓаат, особено кога повторно се зголемуваат политичките и миграциските тензии меѓу Шпанија и Мароко.

Кога Сеута и Мелиља станале шпански?

Историјата на двата града се протега многу подалеку од создавањето на современите национални држави и од денешниот концепт на колонијализам. Мелиља била освоена од шпанските сили на 17 септември 1497 година, во експедиција предводена од Педро де Естопињан, со одобрение од Изабела I Кастилска и Фердинанд II Арагонски, познати како Католичките кралеви.

Освојувањето имало пред сè стратешка и одбранбена цел, контролирање на пристапот кон Гибралтарскиот Проток и заштита на шпанскиот брег од пиратските напади од северна Африка. Случајот со Сеута е поинаков. Градот во 1415 година го освоила Португалија. Во 1580 година, по династичкото обединување на португалската и шпанската круна, Сеута потпаднала под шпанска власт.

Кога Португалија повторно стекнала независност во 1640 година, жителите на Сеута избрале да останат под шпанската круна. Оваа одлука подоцна била правно потврдена со Лисабонскиот договор од 1668 година. Така, двата града со векови се наоѓаат под непрекинат шпански суверенитет.

Мароко во тоа време не постоело како денешната држава

Еден од клучните историски аргументи во дебатата е и прашањето каква политичка структура постоела во регионот во времето кога Сеута и Мелиља станале дел од шпанската круна. Современото Кралство Мароко не постоело во денешната форма. Династијата Алауити, која и денес владее со земјата, ја презела власта во 1666 година.

Тоа значи дека Мелиља веќе била под власта на Кастилската круна повеќе од 160 години пред почетокот на владеењето на династијата што денес го предводи Мароко.

Зошто тогаш се поврзуваат со колонијализмот?

Историјата станува посложена во 19 и почетокот на 20 век, кога европските сили забрзано го проширувале своето влијание во Африка. Околу 90 отсто од денешната урбана површина на Сеута и Мелиља потекнува од територијалните проширувања извршени во текот на 19 и почетокот на 20 век. Границите биле проширувани со низа договори, во период кога Шпанија го засилувала своето присуство во северна Африка.

Тоа временски се совпаднало и со создавањето на Шпанскиот протекторат во Мароко, кој постоел од 1912 до 1956 година. Но, токму тука постои важна правна разлика.

Сеута и Мелиља не биле дел од Шпанскиот протекторат во Мароко. Додека протекторатот претставувал форма на привремена шпанска администрација врз дел од мароканската територија, двата града продолжиле да имаат статус на шпанска национална територија. Со други зборови, нивниот територијален статус не бил создаден со протекторатот, туку бил воспоставен неколку векови порано.

Што велат Обединетите нации?

Еден од најважните моменти во современиот спор се случил во 1975 година. Мароко побарало од Обединетите нации Сеута и Мелиља да бидат ставени на списокот на територии што чекаат деколонизација. Барањето не било прифатено. До денес, Обединетите нации не ги третираат Сеута и Мелиља како колонии и не ги вклучуваат во списокот на несамоуправни територии што треба да поминат низ процес на деколонизација.

Ова е една од главните причини поради кои Шпанија тврди дека статусот на двата града не може да се споредува со случајот на Западна Сахара.

Два шпански града на африканскиот континент

Современиот статус на Сеута и Мелиља дополнително бил зацврстен во 1995 година, кога стапиле во сила нивните Статути на автономија. Двата града денес имаат статус на автономни градови на Шпанија, со свои институции и политичка застапеност во шпанскиот парламент. Иако географски се наоѓаат во Северна Африка, тие се дел од шпанската државна територија и се интегрирани во Европската Унија, со одредени специфичности поради нивната географска положба.

Токму оваа комбинација, европски суверенитет врз африканска територија, заедничка граница со Мароко и долга историја на шпанско присуство ги прави едни од најнеобичните точки на европската политичка карта.

Зошто спорот повторно се појавува?

Прашањето за суверенитетот не е само историска дебата. Мароко периодично ги обновува своите претензии кон Сеута и Мелиља, особено во периоди на зголемени политички тензии со Шпанија. Миграциските кризи долж границата дополнително го прават нивниот статус чувствително политичко прашање.

Шпанската страна, пак, инсистира дека станува збор за делови од нејзината територија со вековно утврден статус. Шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес неодамна порача дека Сеута и Мелиља се „суштински шпански“ и дека нивниот статус не може да се доведува во прашање.

Затоа, иако на прв поглед изгледаат како остатоци од некое старо европско колонијално минато, нивната историја е многу посложена. Сеута и Мелиља станале дел од шпанската круна векови пред современиот систем на деколонизација, а нивниот сегашен статус не е оспорен од Обединетите нации преку процес за деколонизација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс