Со свечено отворање и гламурозна атмосфера на црвениот тепих, официјално започна 32. издание на Сараевскиот филмски фестивал.
Од 14 до 21 август, Сараево ќе биде домаќин на бројни филмски работници, актери, режисери, продуценти и љубители на филмот.
Ѕвезден сјај пред Националниот театар
Фестивалската атмосфера се чувствуваше на секој чекор, особено пред Националниот театар, каде црвениот тепих беше во центарот на вниманието.
Бројни гости, филмски професионалци и познати лица се прошетаа низ Театарскиот плоштад во гламурозната атмосфера на првата фестивалска вечер.
Посебно внимание привлекоа меѓународните гости, меѓу кои мексиканскиот актер и режисер Диего Луна, британската актерка Емили Вотсон, директорот на Европската филмска академија Матијс Ваутер Кнол и полскиот режисер Павел Павликовски.
Регионални ѕвезди на црвениот тепих
На црвениот тепих прошетаа и бројни познати имиња од регионот, меѓу кои Горан Богдан, Марија Шкаричиќ, Ивана Рошчиќ, Емир Хаџихафизбеговиќ, Изудин Бајровиќ, Бранко Ѓуриќ Ѓуро и Тања Рибич.
Првата вечер уште еднаш го потврди статусот на Сараевскиот филмски фестивал како едно од најзначајните филмски случувања во регионот.
Фестивалот го отвори „Татковина“ на Павел Павликовски
По свеченото отворање во Националниот театар, публиката имаше можност да го погледне филмот „Татковина“, новото дело на полскиот режисер Павел Павликовски.
Филмот, кој ја имаше светската премиера во главната програма на овогодинешниот Кански филмски фестивал, ја следи сложената приказна на германскиот писател и добитник на Нобелова награда Томас Ман.
За „Срцето на Сараево“ се натпреваруваат 51 филм
Во текот на следните седум дена, публиката во Сараево ќе може да проследи богата програма со премиери, проекции и средби со големи имиња од светската и регионалната кинематографија.
Годинава, 51 филм се натпреваруваат за престижната награда „Срцето на Сараево“.