Издавачката куќа ,,Сакам Книги” ги најави своите годишни активности на Саемот на книга во арената „Борис Трајковски“, каде под мотото „Среќата изгледа вака“ ќе понуди 14 нови саемски изданија, повеќе од 400 претходни наслови и попусти до 60 отсто, со програма наменета за читатели од сите возрасти и различни книжевни вкусови.
На штандот на издавачката куќа посетителите ќе можат да најдат нови трилери, романси, историски драми, детска литература и книги за личен развој, додека паралелно ќе бидат достапни и стотици претходни изданија по намалени саемски цени. Од ,,Сакам Книги” велат дека годинава акцентот е ставен на разновидноста, но и на можноста секој посетител да си замине со книга што ќе ја почувствува како лично откритие.
Меѓу најочекуваните новитети се издвојуваат насловите од серијалот „Четврто крило“, како и нови книги од Фрида Мекфаден, Себастијан Фицек, Крис Картер, Кристин Хана и Вај Киленд. Меѓу авторите што за првпат се објавуваат на македонски преку оваа издавачка куќа се и Ален Ливај со „Тео од Голден“ и Сузан Мајснер со „Кревки нешта“.
Посебен дел од програмата годинава ќе биде гостувањето на италијанската авторка Виола Ардоне, која ќе биде специјална гостинка на штандот на ,,Сакам Книги”. Ардоне е позната по романите „Возот за деца“ и „Нескршливото срце на Олива Денаро“, а нејзиното присуство се најавува како можност за поблизок контакт со македонската публика и разговор за теми како храброста, отпорот, детските судбини и потрагата по слобода.
Од издавачката куќа велат дека годинашниот настап не е замислен само како продажна понуда, туку и како читателско искуство. Диме Спасев од ,,Сакам Книги” посочува дека целта е на посетителите да им се понудат книги и средби што оставаат трага, додека главната уредничка Ивана Спасев нагласува дека секој читател ја препознава среќата во различна книга и различно читање.
Со оваа програма, ,,Сакам Книги” ги повикува љубителите на пишаниот збор, семејствата, учениците, студентите и професионалците да го посетат нивниот штанд во арената „Борис Трајковски“, да ги разгледаат новите изданија, да ги искористат саемските попусти и да присуствуваат на најавените настани со автори.