Бранот на сахарска прашина што ја зафаќа Грција се проширува и кон Македонија, со значително присуство на честички во воздухот.
Бранот на сахарска прашина што деновиве ја зафаќа Грција се префрла и кон Македонија, каде што веќе од денес е регистрирано значително присуство на прашина и песок во атмосферата.
Грчките и македонските метеоролози најавуваат дека епизодата ќе трае најмалку до петок, 17 април, со посилни калливи врнежи во делови од Грција и јужните делови на Македонија. Истовремено се предупредува дека и посеверните делови од земјата во следните денови ќе имаат позаматена атмосфера поради јужно воздушно струење од Сахара.
Тоа значи дека покрај променливото и нестабилно време, граѓаните може да почувствуваат потежок и посув воздух, намалена видливост и појава на нечистотија по автомобилите и прозорците доколку има врнежи.
Најчувствителни на ваквите услови се хронично болните, лицата со астма, постарите и малите деца, бидејќи зголеменото присуство на честички во воздухот може дополнително да ги влоши респираторните тегоби.
Затоа, во деновите кога небото ќе биде заматено, се препорачува подолго изложување на отворено да се избегнува, особено во попладневните часови и при засилен ветер.