На 6 јуни, Diamond Mall ќе биде место за сите што ја сакаат музиката не само како звук, туку и како култура, меморија и живо искуство. Второто издание на Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема ќе обедини 27 издавачки куќи од Македонија и странство, македонски музичари, диџеи, колекционери и љубители на винилот.
Настанот е посветен на музичкото издаваштво, винил културата и современата македонска сцена, а посетителите ќе можат да проследат целодневна програма со промоции, преслушувања, изложби, панел дискусии, диџеј настапи и презентации на аудио опрема.
Годинава особен акцент ќе биде ставен на македонската современа музика, преку промоција и преслушување на 26 актуелни албуми објавени помеѓу двете изданија на саемот. Ќе бидат претставени изданија од различни жанрови и генерации музичари, меѓу кои Дина Јашари, Влатко Стефановски, Суперхикс, Тони Зен, Драган Даутовски, Меморија, Јордан Костов и други.
Еден од најочекуваните моменти ќе биде ексклузивното премиерно преслушување на тест принтови од првото винил издание на албумот „Игри без граници“ на Тоше Проески, во издание на Sony DADC. За публиката, ова ќе биде ретка можност да се слушне едно од најзначајните македонски поп изданија во винил формат.
„На развојот и негувањето на културата мораме континуирано да работиме. Овој настан го организираме по втор пат, овозможувајќи промоција на македонската современа музика, давајќи им можност на уметниците да го презентираат својот израз, а на помладите генерации да се запознаат со националното музичко творештво“, изјави Селин Октај, директорка на Diamond Mall.
Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема Diamond Mall го организира во партнерство со дискографската куќа „Корпус деликти рекордс“. Според музичкиот новинар и хроничар Тошо Филиповски, годинешното издание го проширува форматот и од саем прераснува во поголем културно-музички настан.
Во рамки на програмата ќе се одржи и панел дискусија посветена на македонското музичко издаваштво, со учество на домашни издавачи и музички професионалци. Целта е да се отворат важни прашања за развојот на музичката индустрија, независното издаваштво и современата македонска продукција.
Во Гурманската авенија на Diamond Mall во текот на целиот ден ќе настапуваат диџеи од Македонија, Грција, Бугарија и Србија. Посетителите ќе можат да ја проследат и изложбата на канвас фотографии и оригинални текстови од историјата на македонската рок сцена, како и специјализираниот саем на аудио опрема, на кој ќе се претстават компании и брендови од Македонија и од странство.
Интернационалниот саем на музика, винил и аудио опрема е еден од ретките настани кај нас што ја поврзува музичката меморија со современата продукција, а винилот го враќа како предмет, звук и културно искуство.