САД тајно водат преговори со Данска за проширување на американското воено присуство на Гренланд, објави BBC, повикувајќи се на повеќе извори запознаени со доверливите разговори. Според нив, преговорите значително напредувале во последните месеци.
Американските власти сакаат да отворат три нови бази на југот на островот, кој има полуавтономен статус во рамки на Данска. Со овој потег, САД се обидуваат да ја ублажат дипломатската криза што ја предизвика претседателот Доналд Трамп кога се закани дека би можел со сила да го преземе Гренланд. Трамп уште во јануари изјави дека САД треба да го „поседуваат“ островот за да спречат Русија или Кина да добијат влијание таму, додавајќи дека тоа може да се направи „на полесен или потежок начин“.
Белата куќа потврди дека администрацијата води разговори на високо ниво со Гренланд и Данска, но одби да открие детали. Сепак, еден американски функционер за BBC изјавил дека во Вашингтон се оптимисти и веруваат дека преговорите се движат во добра насока.
Извори блиски до разговорите тврдат дека американската страна предложила трите нови бази формално да бидат прогласени за суверена територија на САД. Тие би биле лоцирани на југот на Гренланд, а нивната главна задача би била следење на руските и кинеските поморски активности во т.н. GIUK-премин — стратешки важен морски коридор меѓу Гренланд, Исланд и Обединетото Кралство.
Иако конечен договор сè уште нема, една од базите најверојатно ќе биде изградена во Нарсарсуак, каде веќе постои мала аеродромска инфраструктура. Аналитичарите сметаат дека и другите објекти ќе бидат поставени на локации со постојни пристаништа или писти, со цел значително да се намалат трошоците.
Според извештајот, американските претставници во текот на преговорите не ја споменале можноста за насилно преземање на островот, иако претходните изјави на Доналд Трамп предизвикаа остри реакции во НАТО и во Данска.
Преговорите ги предводи високиот функционер на Стејт департментот, Мајкл Нидем, чија задача е да постигне договор што ќе ги задоволи амбициите на Трамп, но и ќе ги почитува данските „црвени линии“ околу територијалниот суверенитет.
Во моментов, САД имаат само една база на Гренланд — Питуфик, која служи за рано откривање ракети во рамки на системот NORAD. За време на Студената војна, американската армија имала дури 17 воени објекти на островот.
Експерти за арктичка безбедност оценуваат дека Вашингтон можел да ги оствари своите интереси и без јавните закани за инвазија. Сепак, други аналитичари предупредуваат дека секој безбедносен вакуум во регионот брзо би можеле да го искористат Кина и Русија.