САД ги укинуваат визните депозити од 15.000 долари за навивачите на Светското првенство

Навивачите од 50 земји со билети за Светското првенство нема да плаќаат визен депозит од 15.000 долари за влез во САД.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави дека навивачите од 50 земји кои поседуваат важечки билети за натпреварите на Светското првенство во фудбал нема да мора да плаќаат визен депозит од 15.000 долари за влез во САД.

Меѓу земјите кои се опфатени со оваа одлука се Алжир, Зеленортски Острови, Брегот на Слоновата Коска, Сенегал и Тунис, кои веќе обезбедија пласман на Мундијалот што од 11 јуни ќе се одржи во САД ,  Канада и Meксико .

Од американскиот Стејт департмент изјавија дека мерката е донесена со цел да им се олесни патувањето на квалификуваните навивачи кои веќе купиле билети за натпреварите. Визниот депозит беше воведен минатата година како дел од построгите имиграциски мерки и требаше да биде вратен по завршувањето на престојот.

Од FIFA ја поздравија одлуката и оценија дека таа е резултат на добрата соработка со американските власти во организацијата на големиот спортски настан.

Сепак, ограничувањата остануваат за патниците од Иран и Хаити , додека дел од земјите се соочуваат со дополнителни рестрикции за патување.

Американските власти претходно најавија и можност туристите од одредени држави да мора да достават историја од користење на социјалните мрежи во последните пет години како услов за влез во земјата. Организациите за човекови права предупредуваат дека ваквите мерки може да доведат до поголем надзор, профилирање и ограничување на патувањата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс