Американската војска потроши меѓу 60 и 70 пресретнувачи на противвоздушниот систем Патриот и повеќе од десет проектили ТХААД за да одбие ирански напад врз воена база во Јордан. Иран лансираше околу 20 балистички ракети, покажувајќи ја сè поголемата финансиска и логистичка диспропорција во одбраната на американските сили на Блискиот Исток.
Пресретнувањето на само еден ирански балистички бран ја чинеше американската војска десетици милиони долари во муниција. Додека Иран користи релативно евтини ракети од сопствено производство, секој проектил од системите Патриот и ТХААД чини неколку милиони долари по парче.
Иако американските пресретнувачи соборија дел од иранските проектили, нападот врз воздушната база Мувафак Салти во Јордан не беше целосно спречен. Неколку ракети успеаја да ја пробијат одбраната и погодија борбени авиони и други летала стационирани во базата, но нема загинати американски војници.
Техеран развива тактики насочени кон сатурација на западната противвоздушна одбрана. Наместо стандардни единечни проектили, иранските сили користат ракети со повеќекратни бојни глави кои се раздвојуваат пред ударот.
Овие проектили создаваат повеќе лажни и вистински цели на радарите. За противвоздушните батерии тоа значи активирање на двојно или тројно повеќе скапи пресретнувачи за секоја поединечна ракета, што резултира со брзо празнење на залихите.
Ограничените производствени капацитети за Патриот и ТХААД претставуваат сериозен логистички проблем за Вашингтон. Американската одбранбена индустрија годишно произведува само неколку стотици вакви ракети, додека побарувачката расте поради кризите на Блискиот Исток и во Украина.
Официјален Пентагон засега отфрла дека војската останува без залихи. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека доколку Техеран продолжи со удари со ваков интензитет, трошењето на пресретнувачите ќе ја надмине брзината со која американските фабрики можат да ги произведат.