Вашингтон дополнително го засилува економскиот притисок врз Хавана, а граѓаните што се вратиле од Куба може да бидат повикани на одговорност за прекршување на санкциите.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе нови санкции против девет кубански државни компании од рударскиот, металуршкиот и градежниот сектор, како и против раководството на Кубанскиот институт за пријателство со народите.
Американскиот државен секретар Марко Рубио го обвини институтот дека поддржува мрежа за влијание во САД и оцени дека кубанската влада претставува закана за американските интереси.
Новите мерки доаѓаат во време на зголемен притисок врз Хавана. Вашингтон ги проширува ограничувањата за деловни активности со компании поврзани со кубанската држава, додека Куба се соочува со сериозна економска и енергетска криза.
Во меѓувреме, неколку американски граѓани кои се вратиле од Куба биле привремено задржани на аеродромот во Мајами. Тие биле подложени на проверки, а на дел од нив им биле одземени мобилни телефони и други електронски уреди.
Иако подоцна биле пуштени да влезат во САД, американските власти предупредија дека може дополнително да одговараат доколку се утврди дека ги прекршиле санкциите, кои опфаќаат трансакции со субјекти во сопственост на кубанската влада, вклучително и хотели, ресторани и продавници.
Кубанските власти ги отфрлаат обвинувањата од Вашингтон и го обвинуваат САД дека намерно ја влошуваат економската состојба во земјата. Куба во последните години се соочува со сериозен недостиг на гориво, чести прекини на електричната енергија, проблеми со јавниот превоз и недостиг на основни производи и лекови.