Соединетите Американски Држави и Иран испратија силни сигнали до светската јавност дека се наоѓаат пред самиот финиш за постигнување историски договор кој треба да ја прекине нивната жестока војна. Според Ројтерс, висок претставник на американската администрација потврди дека двете страни целосно го усогласиле текстот на меморандумот за разбирање и дека Вашингтон очекува официјално потпишување во претстојните денови.
Меѓутоа, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, веднаш ја искористил можноста на државната телевизија јавно да прогласи триумф, изјавувајќи дека неговата земја излегла како апсолутен победник во овој конфликт со САД. Нацрт-предлогот предвидува итно повторно отворање на клучниот Ормуски Теснец и целосно укинување на американската поморска блокада врз иранските пристаништа, додека преговорите за контроверзната нуклеарна програма на Техеран се одложени за подоцнежна фаза.
Дека тензиите на теренот сè уште не се целосно стивнати покажуваат и најновите извештаи од локалните агенции, според кои иранските сили веќе испукале предупредувачки истрели во близина на пристаништето Сирик и островот Кешм за да ги запрат бродовите кои се обидуваат да поминат без дозвола од Револуционерната гарда.
Милијарди долари на маса и битка за нуклеарниот арсенал
Ројтерс прнесува дека според деталите до кои дојдоа западни, пакистански и ирански дипломатски извори, првичните услови на договорот навистина изгледаат поволни за Техеран, што веднаш предизвика бран критики во Вашингтон. Договорот предвидува САД да започнат со ослободување на милијарди долари замрзнати ирански средства и да ги укинат санкциите за извоз на нафта, во замена за безбедно отворање на Хормуз, кој пред војната контролираше една петтина од светското снабдување со енергенси.
Американските власти сепак ги демантираат тврдењата дека Трамп попуштил, нагласувајќи дека ова е строг пакт заснован на исполнување обврски, каде што никакви пари нема да бидат ослободени додека Иран не покаже конкретни резултати и целосно не го прекине финансирањето на терористичките групи.
Прашањето за нуклеарниот арсенал треба да се реши во рок од 60 дена, при што Вашингтон инсистира на комплетно уништување и отстранување на залихите на високо збогатен ураниум, додека Иран бара негово разредување.
Дополнително, изворите тврдат дека во игра се и воени отштети за Техеран, како и откажување на САД од барањата за ограничување на иранската ракетна програма. Самиот чин на потпишување би можел да се случи веќе в недела во Женева, каде што потписници би биле американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и спикерот на иранскиот парламент, Мохамад Бакер Калибаф.
Израелскиот отпор и воениот јаз околу Либан
Од друга страна, Израел, кој го започна овој конфликт рамо до рамо со Соединетите Американски Држави, беше целосно исклучен од овие тајни преговори. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху децидно изјави дека неговата земја нема да биде обврзана со овој меморандум, што претставува кулминација на неговите неодамнешни жестоки судири со Доналд Трамп околу американските барања за запирање на израелските воени акции во Либан.
Иако министерот Аракчи најави дека овој пакт имплицитно ќе ја заврши војната во Либан преку повлекување на израелските трупи од окупираните територии, израелското Министерство за одбрана остро одговори дека нема намера да се повлече и дека Израел ја задржува целосната слобода да дејствува против какви било безбедносни закани во регионот.
Овој комплициран дипломатски мозаик покажува дека патот до вистински и долготраен мир на Блискиот Исток останува исклучително кревок, но почетокот на дијалогот дава силен мотив за верба дека разумот и дипломатијата можат да го заменат оружјето и да спречат натамошна глобална економска и хуманитарна катастрофа.