САД бараат Иран да го предаде збогатениот ураниум и да се откаже од репарации

Вашингтон му доставил на Иран мировен предлог од пет точки, кој вклучува прекин на непријателствата, предавање на збогатениот ураниум и ограничување на нуклеарната програма.

САД одговориле на иранскиот мировен предлог со сопствен план од пет точки, кој предвидува прекин на непријателствата, но и строги услови поврзани со иранската нуклеарна програма, објави иранската новинска агенција „Фарс“.

Според информациите, Вашингтон бара Иран да се откаже од какви било барања за репарации и компензација од САД, како и да дозволи отстранување на 400 килограми збогатен ураниум од земјата и нивен трансфер во Соединетите Американски Држави. Американската страна, исто така, инсистира само едно иранско нуклеарно постројување да продолжи со работа.

Вашингтон одбива и делумно „одмрзнување“ на иранските средства, при што не прифаќа ослободување на 25 проценти од замрзнатата иранска имотна актива. Според „Фарс“, американскиот предлог предвидува прекин на непријателствата само доколку успешно завршат преговорите, но истовремено останува можноста за обновување на воените дејствија дури и ако Техеран ги прифати сите услови.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно оцени дека последниот ирански одговор на американската иницијатива е „целосно неприфатлив“, а воедно предупреди дека конфликтот може повторно да ескалира. Во меѓувреме, тензиите дополнително растат и меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах, поддржана од Иран, и покрај формалниот прекин на огнот.

Според „Асошиејтед прес“, извори блиски до ситуацијата, меѓу кои и израелски воен претставник, тврдат дека Израел и САД координираат можни нови напади врз Иран. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел е подготвен „за секое сценарио“ кога станува збор за Иран и најави разговор со Доналд Трамп.

Во исто време, иранската државна телевизија емитуваше програми во кои водители се појавуваат вооружени со автомати „калашников“, што според западните медиуми претставува обид јавноста да се подготви за можен продолжен конфликт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс