Сè што ќе направи Хејли Бибер станува вирално: Ова е нејзиниот рецепт за пилешки ќофтиња кој сите го пробуваат

Од „skinny“ смути и glazed donut skin до протеинска пица со cottage cheese – Хејли Бибер одамна има необична моќ обична храна, производ или навика за кратко време да ја претвори во интернет тренд. Сега истото се случува со едно од нејзините омилени јадења: пилешки ќофтиња во доматен сос со пармезан и cottage cheese.

Бибер неодамна го сподели јадењето на Instagram Stories, претставувајќи го како едно од омилените нешта што ги подготвува. Посебниот пресврт е токму cottage cheese, кој го користи наместо вообичаената рикота. Vogue веќе го издвои рецептот како протеинска верзија на класичното јадење.

И беше потребно многу малку за рецептот да се пресели на TikTok. Корисници веќе објавуваат свои верзии и видеа во кои ги пробуваат „Hailey Bieber meatballs“, а реакциите се поделени – на едни им се допаѓа комбинацијата и дополнителниот протеин, додека други би го замениле cottage cheese со рикота. На социјалните мрежи веќе може да се најдат и корисници кои велат дека го пробале рецептот и дека би го направиле повторно.

Тоа, всушност, е веќе познат „Hailey Bieber effect“. Нејзината неодамнешна протеинска пица со cottage cheese исто така стана вирална, а рецептот го проба и актерката Минди Калинг, која го сподели резултатот на Instagram.

Како се прават пилешките ќофтиња на Хејли Бибер?

Бибер не објавила прецизни грамажи за сите состојки – самата наведува дека при готвењето најчесто ги проценува количините „од око“. Основата, сепак, е едноставна: пилешки ќофтиња, доматен сос, пармезан и cottage cheese.

За домашна верзија, потребни се:

  • 500 г мелено пилешко месо
  • 1 јајце
  • околу 40–50 г лебни трошки
  • рендан пармезан
  • сол и зачини по вкус
  • маслиново масло
  • 400–500 мл доматен или marinara сос
  • cottage cheese
  • дополнително рендан пармезан за сервирање

Меленото пилешко се меша со јајцето, лебните трошки, пармезанот и зачините, а од смесата се формираат мали ќофтиња. Тие се печат или се запржуваат додека не добијат златна боја и целосно не се зготват.

Потоа се додаваат во загреаниот доматен сос и се оставаат кратко да се соединат вкусовите. При сервирањето одозгора се додава cottage cheese и обилно се наросува пармезан.

Токму cottage cheese е деталот што го издвојува рецептот. Наместо потешка кремаста компонента, се добива дополнителен извор на протеини. Vogue наведува дека една шолја cottage cheese може да содржи околу 24 грама протеини.

Рецептот можеби не измислува нова гастрономска категорија, но уште еднаш покажува колку силно влијание има Хејли Бибер врз трендовите. Доволно е да сподели што јаде – и за неколку дена интернетот веќе има нов рецепт што сите сакаат да го пробаат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс