Сè помал простор за грешка: Руските саботажи во Европа можат да предизвикаат многу жртви

Употребата на импровизирани експлозиви и дронови врз транспортните мрежи создава реален ризик од масовни цивилни загуби и директна ескалација на континентот.
Фото: EPA/FILIP SINGER

Руските саботажни операции низ Европа повеќе не се сведуваат на ситни инциденти изведени од неискусни аматери, туку прераснуваат во сложени напади со импровизирани експлозиви и дронови врз железници, енергетски мрежи и авиосообраќајот. Според најновиот извештај на Меѓународниот институт за стратешки студии (ИИСС), ваквата еволуција на методите драматично го стеснува просторот за погрешна проценка и носи реална опасност од настан со многу жртви во срцето на Европа.

Иако неискусни регрути сè уште го извршуваат најголемиот дел од операциите, ИИСС документира појава на полуобучено ниво на оперативци кои користат далеку посложени и поопасни методи. Овие групи веќе поставуваат импровизирани експлозивни направи со темпирани и далечински детонатори.

Во изминатите 12 месеци, бројот на руски саботажи во Европа се зголемил за 16 проценти, додека употребата на подметнати пожари и експлозивни направи е двојно зголемена. Повеќе од половина од сите регистрирани инциденти во овој период биле директно насочени кон критична инфраструктура, со цел да се ослабне европската поддршка за Украина.

Токму преминот кон далечински активирани експлозиви во цивилни транспортни коридори ја зголемува веројатноста за фатален исход. ИИСС предупредува дека ваквите операции создаваат висок ризик од инцидент со многу жртви, без разлика дали тоа ќе биде намерна цел или последица на погрешна проценка на теренот.

Конкретните случаи од теренот покажуваат колку блиску континентот бил до сериозна трагедија. Во Лајпциг, Германија, на 4 август бил откриен дрон натоварен со експлозив во близина на украински товарен авион од типот „Антонов“, кој се користи за воен транспорт. Истражителите се сомневаат дека втор дрон се судрил со товарен авион на компанијата ДХЛ (DHL) веднаш по прекинот на воздушниот сообраќај.

Германија и Полска остануваат најчести мети на овие операции поради нивните транспортни и индустриски мрежи кои се неопходни за снабдување на Украина. Помеѓу октомври 2025 и септември 2026 година, во Полска биле евидентирани вкупно 29 инциденти поврзани со Москва. Еден од најсериозните се случил во ноември 2025 година, кога експлозивно полнење оштетило железничка линија што се користи за достава на залихи за Украина.

Националните власти низ Европа досега реагираа со апсење на посредници, протерување на разузнавачи и затворање на одредени руски конзулати. Сепак, анализата на ИИСС констатира дека нема јасни докази оти овие мерки ја направиле саботажата помалку привлечен инструмент за политиката на Кремљ. Апсењата ги отстрануваат извршителите на терен, но не ги одвраќаат руските разузнавачки служби кои ги насочуваат преку повеќе слоеви посредници.

Нападите доаѓаат во бранови и се концентрирани на стратешки важни држави и сектори. Покрај Германија и Полска, неодамнешни инциденти се забележани и во Естонија, Литванија и Романија, но ниту една европска влада сè уште нема поставено јасни црвени линии.

Институтот посочува дека напад со човечки жртви или сериозен прекин на виталните системи веднаш ќе предизвика барања за одмазда и ќе ги извади на површина поделбите меѓу владите на Европската Унија. Поради опасноста ескалацијата да стане прв инстинкт при ваков настан, ИИСС ги повикува европските држави да изградат заедничка стратегија и јавно да сигнализираат кое ниво на штета каков одговор ќе повлече.


Москва ги отфрла сите обвинувања од западните влади и разузнавачки служби дека стои зад кампањата на напади со дронови, сајбер-напади, подметнати пожари и експлозиви низ Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс