Руски напади во неделата однесоа животи на најмалку три лица во два украински града, додека со дронови беа погодени и повеќе делови од главниот град Киев, соопштија локалните украински власти. Во северниот град Суми, во близина на границата со Русија, три наведувани бомби паднале во близина на центар за поддршка на семејства. Во нападот загинале две лица, објави регионалниот гувернер Олех Хрихоров.
Суми е меѓу украинските градови кои често се цел на руски напади. Русија подолго време соопштува дека има намера делови од Сумската област да ги претвори во тампон-зона. Во Харков, вториот по големина град во Украина, дрон погодил автомобил и го усмртил возачот, соопшти украинското обвинителство.
Напади имало и врз Киев. Градоначалникот Виталиј Кличко соопшти дека дрон погодил повеќекатна станбена зграда во источниот дел на градот, при што избувнал пожар. Едно лице било повредено, а пожарот подоцна бил изгаснат од екипите на итните служби.
Според Кличко, дронови погодиле и подрачја во близина на градинка и детско игралиште во два градски окрузи. Пријавена е материјална штета и на други локации во Киев, но засега нема информации за нови жртви. Нападите врз Киев и другите украински градови во последниот период се интензивирани. Според Ројтерс, руските сили во последните недели сè почесто изведуваат напади во текот на целиот ден, наместо претежно ноќе.
Ројтерс неодамна објави и дека Русија сè повеќе користи млазни варијанти на дроновите „Шахед“, кои летаат на поголема височина и со поголема брзина, што претставува дополнителен предизвик за украинската противвоздушна одбрана. И Русија и Украина негираат дека намерно гаѓаат цивили.