Руски напад врз Харков: најмалку 11 повредени, меѓу нив и две деца

Руски дрон погоди индустриска зона во североисточниот украински град. Првичните информации беа за девет повредени, но подоцнежни извештаи објавија дека бројот се искачил на најмалку 11.
Фото: Обвинителство на Харковската област

Најмалку 11 лица се повредени во руски напад врз Харков, меѓу нив и едногодишно девојче и петгодишно момче, според подоцнежните извештаи од Украина. Нападот ја погодил индустриската зона во Немишљанскиот округ, а во објект на пошта и две паркирани возила избувнал пожар.

Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, првично соопштил дека има двајца повредени, а потоа бројот пораснал на девет. Подоцнежните информации објавени од „Киев пост“ наведуваат најмалку 11 повредени, додека последиците од нападот се проценуваат.

Нападот следува по ноќен бран руски дронови

Нападот врз Харков се случил по ноќните руски воздушни напади врз Украина. Според украинските воздухопловни сили, Русија лансирала 140 беспилотни летала од различни типови во текот на ноќта меѓу 28 и 29 ноември. Украинската противвоздушна одбрана соборила или неутрализирала 101 дрон, а погодоци биле регистрирани на 27 локации низ земјата. Остатоци од соборени летала паднале на уште 13 локации.


Меѓу употребените летала имало дронови „Шахед“, „Гербера“ и мамки од типот „Пародија“, кои се користат за збунување и оптоварување на противвоздушната одбрана. Нападот врз Харков е дел од поширокиот бран руски воздушни удари врз украинска територија, во услови на продолжување на војната и зголемена употреба на беспилотни летала.

е-Трн да боцка во твојот инбокс