Руската економија под сè поголем притисок: Растат долговите и отказите

Војната во Украина и санкциите сè посилно ја погодуваат руската економија. Растат микрокредитите, проблематичните долгови и отказите во јавниот сектор.

Петтата година од војната во Украина остава сериозни последици врз руската економија, а економската криза сè повеќе ги погодува и граѓаните. Според анализа објавена од Демостат, голем број Руси се принудени да земаат микрокредити за да ги покријат основните животни трошоци.

Во текот на 2025 година, износот на одобрени микрокредити достигнал рекордни 2,1 трилиони рубљи, што претставува раст од 35 проценти во споредба со претходната година. Податоците на Централната банка на Русија покажуваат дека голем дел од овие кредити биле одобрени со каматни стапки повисоки од 250 проценти на годишно ниво.

Поради високата инфлација, стагнацијата на приходите и долгата воена криза, многу граѓани западнуваат во долгови кои тешко можат да ги отплатат. Краткорочните заеми често прераснуваат во долгорочна финансиска зависност поради високите камати и дополнителните пенали.

Анализата наведува и дека по воведувањето на западните санкции, граѓаните практично станале главни финансиери на државата и корпоративниот сектор, без реално влијание врз економските процеси. Во услови на засилена милитаризација, најголем дел од ресурсите се насочуваат кон одбранбената индустрија, додека цивилниот сектор се соочува со недостиг од капитал.

Во меѓувреме, расте и бројот на проблематични кредити. Делот на ненаплатливи потрошувачки кредити се зголемил од девет на 13,1 процент, додека кај станбените кредити е забележан раст од еден на 1,8 проценти.

Зголемените воени трошоци имаат последици и врз пазарот на трудот. Руските медиуми објавуваат дека бројот на планирани откази во јавниот сектор пораснал за 43 проценти, а темпото на отпуштања дополнително се зголемило кон крајот на 2025 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни