Русија и Украина со нови обвинувања, Балтикот повторно на штрек

Зеленски предупредува дека Москва може да бара нови правци за ширење на војната преку северот на Украина, додека Русија го обвинува Киев дека сака ескалација.

Русија и Украина повторно разменуваат остри обвинувања, додека нервозата расте и на источното крило на НАТО. Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Москва би можела да подготвува нови сценарија за ширење на агресијата, особено преку правецот од Белорусија, а Москва возврати со тврдење дека токму Киев бара ескалација.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Зеленски „тежнее кон ескалација“ на конфликтот. Изјавата доаѓа во момент кога руската реторика станува сè поостра не само кон Украина, туку и кон балтичките држави, кои Москва ги обвинува дека го зголемуваат ризикот од поширок судир.

Зеленски, пак, предупреди дека Украина мора да биде подготвена за можни нови руски потези. „Украина сигурно ќе се брани, а нашата задача сега е да ја зајакнеме државата за ниту едно од петте руски сценарија за ширење на војната преку северот на Украина да не успее“, порача украинскиот претседател.

Тензијата дополнително се префрла и кон Балтикот. Во Литванија вчера беше активирана воздушна тревога откако дрон се движел кон Вилнус, а НАТО подигнал борбени авиони за пресретнување. Литванскиот претседател Гитанас Науседа бил префрлен во подземно засолниште, заедно со дел од пратениците, додека илјадници граѓани се засолнувале во подземни гаражи.

Потеклото на дронот засега не е познато, а леталото подоцна исчезнало од радарите во литванскиот воздушен простор. Литванската премиерка Инга Ругиниене предупреди дека „војната е поблиску од кога било“ и оцени дека Москва веројатно ја тестира решителноста на НАТО.

Русија претходно неделава ги предупреди Литванија, Летонија и Естонија дека членството во НАТО „нема да ги заштити од одмазда“ доколку дозволат Украина да изведува напади од нивна територија. Балтичките држави ги отфрлија овие пораки како обид за заплашување и дестабилизација на Алијансата.

Во целата слика влегува и загриженоста околу американското воено присуство во Европа. Според информациите што ги пренесуваат медиумите, Пентагон го откажал распоредувањето на 4.000 американски војници во Полска, по претходни најави за повлекување на 5.000 војници од Германија. За балтичките држави, кои граничат со Русија и Белорусија, тоа е дополнителен сигнал дека безбедносната рамнотежа во регионот станува сè понервозна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс