Руските и украинските напади врз пристаништата и бродовите на Црното Море во последните недели го нарушија извозот на жито, затворајќи некои терминали и принудувајќи ги шпедитерите да одложат или откажат десетици пратки во средината на сезоната на извоз. Глобалните увозници на пченица се подготвуваат за помали залихи, додека Кремљ се обидува да обезбеди продолжување на рускиот извоз.
„Веќе се преземени одредени мерки и ние дополнително ќе ги развиваме за да обезбедиме навремена и целосна испорака на целото жито наменето за извоз“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите, објави Ројтерс.
Прекините во испораките од Црното Море веќе ги зголемија цените на пченицата. Цените се зголемија кај големите извозници како што се Аргентина, Австралија и САД. Најголемите увозници на пченица во светот, вклучувајќи ги Египет и Индонезија, се особено изложени на прекини бидејќи се во голема мера зависни од руските и украинските испораки.
Путин: Нема да има недостиг
Доколку пратките се одложат или откажат, клиентите мора да се обратат кај други добавувачи, што би можело дополнително да ги зголеми трошоците. Пченицата од регионот на Црното Море се продаваше за околу 223 до 240 евра по тон минатата недела, додека австралиската и американската пченица беа поскапи.
Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела призна дека Русија има проблеми со извозот на земјоделски производи, но рече дека ќе ги реши. Тој исто така вети дека нема да има недостиг на светските пазари.
Путин проценува дека Русија ќе има околу 60 милиони тони жито за извоз во тековната сезона. Според проценката на консултантската фирма „Совекон“, рускиот извоз на жито во август треба да се зголеми на 2,2 милиони тони, по 1,95 милиони тони во јули.