Свиркачот што го разоткри Манчестер сити се крие поради закани по живот

Португалските власти му ја укинуваат полициската заштита на креаторот на „Football Leaks“, поради што тој мора да замине во илегала.
Фото: Flickr/Guts Gaming

Руи Пинто, човекот кој стои зад платформите на „Football Leaks“ и чии документи беа клучни за финансиските истраги против Манчестер сити, најави повлекување на тајна локација. Одлуката следува откако властите во Португалија одлучија да му ја укинат полициската заштита, со што, според неговиот правен тим, тој е изложен на директна опасност по живот.

Пинто од 2020 година беше дел од португалскиот програма за заштита на сведоци, откако соработуваше со истражните органи и предаде материјали собрани преку проектот „Football Leaks“. Сепак, во средата тој добил известување дека државната заштита му престанува на 10 октомври. Оваа одлука стигна само неколку часа откако беа објавени детали од пресудата со која Манчестер сити е прогласен за виновен за тешки прекршувања на финансиските правила во англиската Премиер лига.

„Неможев да изверам друг избор освен да се преселам на непозната локација на неопределено време“, изјави Пинто, наведувајќи дека примил низа закани со смрт и дека се соочува со вистински ризик од атентат.

Адвокатите на Пинто ја осудија одлуката на државните институции, оценувајќи дека повлекувањето на обезбедувањето во момент кога неговите откритија повторно се во центарот на светската јавност претставува чин на изложување на сведокот на опасност. Тие потсетија дека заканите не се само теоретски, наведувајќи го претходниот инцидент во кој тој беше физички нападнат во Лисабон.

Како одговор на ситуацијата, Пинто започна кампања за собирање финансиски средства со цел сам да си обезбеди приватно обезбедување и безбеден престој на тајна локација, поставувајќи цел од три милиони евра.

Што откри „Football Leaks“?

Проектот „Football Leaks“ започна во 2015 година со објавување милиони доверливи документи кои ги открија задкулисните зделки во европскиот фудбал. Меѓу првите случаи беше оној на холандскиот Твенте, кој остана без европски настани поради нелегални договори со инвестициски фондови. Документите подоцна отворија истраги за финансиското работење на клубови како Манчестер сити и Пари Сен Жермен, како и плановите за формирање затворена Суперлига.

Материјалите за англискиот клуб Пинто му ги предаде на германски „Шпигел“, чии текстови од 2018 година беа темел за подоцнежните истраги на Премиер лигата. Неовисната комисија неодамна утврди дека Сити со години ги прекршувал финансиските прописи, а Пинто изјави дека таквата потврда ја докажува автентичноста на документите што тој ги обелодени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс