Сѐ повеќе млади ручаат во автомобил, причината е посериозна отколку што изгледа

Автомобилот сѐ почесто станува место за ручек кај младите, особено кај генерацијата З. Ново истражување покажува дека зад оваа навика не стои само недостигот од време, туку и потребата за мир, приватност и бегство од секојдневниот стрес.

Според истражување спроведено врз 2.000 испитаници, повеќе од половина од нив изјавиле дека најмалку еднаш неделно јадат во својот автомобил. Кај припадниците на генерацијата З оваа навика е уште поизразена, при што во просек консумираат речиси четири оброци неделно во возило. Најчесто избираат пица, сендвичи, овошје и брза храна. 

Како главни причини ги наведуваат недостатокот на време, практичноста додека се во движење, но и тоа што автомобилот им овозможува мир и приватност. За многумина тоа е единственото место каде можат накратко да се исклучат од работните обврски, технологијата и секојдневниот притисок. 

Психолозите сметаат дека автомобилот сѐ повеќе станува своевидно „психолошко засолниште“. Наместо само превозно средство, тој се претвора во простор каде луѓето можат да останат сами, да се релаксираат и без прекини да го изедат својот оброк. 

Експертите предупредуваат дека оваа појава открива поширок општествен проблем. Ако сѐ повеќе луѓе чувствуваат дека најдобро место за кратка пауза е автомобилот, тоа покажува колку современиот начин на живот станал забрзан и оптоварувачки. Оброкот, наместо време за дружење или одмор, сѐ почесто станува неколку минути осаменост во паркиран автомобил.

е-Трн да боцка во твојот инбокс