Соединетите Американски Држави очекуваат Кина да одигра поактивна улога во решавањето на кризата околу Ормуската Теснина, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио, кој го придружува претседателот Доналд Трамп на патувањето во Кина.
Рубио во изјава за „Фокс њуз“ рече дека Вашингтон се надева оти ќе го убеди Пекинг да изврши поголем притисок врз Иран, со цел Техеран да се откаже од активностите што ја блокираат пловидбата во Персискиот Залив.
Според него, Кина има директен интерес кризата да се реши, бидејќи и кинески бродови се заглавени во Заливот. Дополнително, како извозно ориентирана економија, Кина трпи последици од глобалниот економски притисок што го создава застојот во еден од најважните енергетски коридори во светот.
Изјавата на Рубио доаѓа во момент кога администрацијата на Трамп испраќа различни пораки за улогата на Кина. На прашање дали кинескиот претседател Си Џинпинг би можел да помогне околу Иран, Трамп претходно изјави дека САД не сметаат дека им е потребна помош.
Кина е еден од најважните партнери на Иран, но истовремено има силен економски интерес за стабилизирање на пловидбата низ Ормуз. Затоа Вашингтон сега се обидува да ја искористи позицијата на Пекинг како потенцијален канал за притисок врз Техеран.