Американскиот државен секретар Марко Рубио ја спушти топката околу очекувањата за брз договор со Иран, по најавите дека Вашингтон и Техеран се приближуваат до политички расплет. Тој порача дека нуклеарната програма на Иран не може да се реши за 72 часа, бидејќи станува збор за технички и сложени преговори.
„Нуклеарните преговори се високо технички прашања. Не можете да го решите нуклеарното прашање за 72 часа“, изјави Рубио во кратко интервју за „Њујорк тајмс“ за време на посетата на Њу Делхи.
Изјавата доаѓа во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп претходно најави дека договорот со Иран е „во голема мера испреговаран“, но потоа им порачал на преговарачите да не брзаат со финализација. Според Рубио, САД не го одложуваат прашањето, туку се обидуваат да го одвојат итното безбедносно прашање од долгорочниот нуклеарен процес.
Прво Ормус, потоа ураниумот
Клучен услов, според Рубио, е Иран веднаш да го отвори Ормускиот теснец. Потоа, според договорени параметри, САД би влегле во сериозни разговори за збогатувањето ураниум, за високо збогатениот ураниум и за обврската Иран никогаш да не стекне нуклеарно оружје.
Рубио нагласи дека разговорите не можат да траат со години, но дека ќе биде потребно време за да се поминат сите технички прашања. Тој посочи дека пристапот има поддршка од седум или осум земји во регионот, што за Вашингтон е важен сигнал дека договорот не се гради само како американско-ирански компромис, туку како поширок регионален аранжман.
Во друга изјава, Рубио порача дека САД ќе ги исцрпат дипломатските можности, но нема бесконечно да чекаат. Вашингтон, според него, или ќе постигне „добар договор“ со Иран, или ќе мора да се справи со проблемот „на друг начин“.
Договорот сè уште не е готов
Најголемата дилема останува дали договорот ќе биде доволен за да ги смири пазарите, Израел и земјите од регионот. Нафтата веќе падна по сигналите дека кризата може да се смири, но секое одложување или несогласување околу нуклеарниот дел може повторно да го зголеми притисокот врз енергетските пазари.
Иранската страна, пак, ги отфрли дел од изјавите на Рубио, обвинувајќи дека тие ја искривуваат регионалната реалност. Иранската амбасада во Индија порача дека Техеран нема да се откаже од правото на мирољубива нуклеарна технологија.
Затоа ова не е крај на кризата, туку можеби почеток на најтешкиот дел од преговорите. Отворањето на Ормус може да ја спушти температурата на пазарите, но прашањето за ураниумот, санкциите и иранската нуклеарна програма останува далеку потешко од дипломатска формула за брз мир.