Кристијано Роналдо го напушти последниот тренинг на фудбалската репрезентација на Португалија пред натпреварот од Лигата на нации против Данска во Копенхаген, потврдија од националната федерација. Селекторот Жорже Жезус демантираше дека постои конфликт или одбивање на обврските, тврдејќи дека станува збор за рутински одмор по дуелот со Норвешка, каде што 41-годишниот капитен остана на клупата за резерви.
Роналдо не се појави на тревникот на стадионот „Паркен“ во Копенхаген во средата, иако само половина час претходно селекторот Жезус пред новинарите изјави дека искусниот капитен сигурно ќе тренира со екипата.
Португалскиот весник „А Бола“ објави видеоснимка на која се гледа како напаѓачот го напушта стадионот со службено возило на Португалската фудбалска федерација (ФПФ). Шпанскиот спортски дневен весник „Марка“ дополнително објави дека Роналдо планира веднаш да замине за Мадрид со приватен авион.
Федерацијата за новинската агенција Ројтерс официјално потврди дека фудбалерот не бил дел од тренингот, додека неговите застапници не дадоа коментар за ситуацијата.
Тензијата во таборот на Португалија почна во неделата, при победата од 2:1 над Норвешка. Жезус му најавил на Роналдо дека ќе влезе во игра во второто полувреме, но потоа се предомисли и го остави на клупата.
Потоа, во понеделникот и вторникот, капитенот работеше изолирано во теретана наместо со тимот, без медицински извештај за повреда. Сепак, Жезус на прес-конференцијата инсистираше дека односите се чисти и ги повика медиумите да не измислуваат скандали.
„Крис не одби да тренира. Ме натераа да разговарам со него за проблем што воопшто не постои. Тој ми рече: ‘Тука сум за ти да одлучиш. Ако сакаш да играм, ќе играм. Ако сакаш да одам на трибини, ќе одам’“, рече португалскиот селектор.
Сериозноста на моментот ја потврди и потегот на првиот човек на португалскиот фудбал. Претседателот на ФПФ, Педро Проенса, ги смени своите планови и во вторникот отпатува за Копенхаген за да одржи директни средби со селекторот и со Роналдо.
Роналдо е рекордер на репрезентацијата со 146 голови на 234 настапи. Минатата недела порача дека чувствува постојан медиумски притисок и отворено порача дека може да си замине „уште денес“ доколку стручниот штаб процени дека повеќе не му е потребен на тимот. За натпреварот во четврток, неговиот настап останува под знак прашалник.