Профилот на Робин Вилијамс повторно активен за одбрана од лажни AI видеа

Децата на починатиот актер го вратија неговиот Инстаграм за да објавуваат автентични снимки и да спречат злоупотреба на неговиот лик.

Официјалниот Инстаграм профил на славниот актер и комичар Робин Вилијамс е повторно активиран по 12 години пауза. Неговите деца Зак, Зелда и Коди одлучија да ја преземат контролата врз дигиталната слика на нивниот татко, претворајќи го профилот во брана против сè почестите лажни видеа и гласовни симулации генерирани со вештачка интелигенција. Профилот ќе служи како единствен сигурен извор на автентични фотографии и архивски снимки од неговата кариера.

Профилот на Вилијамс беше неактивен уште од август 2014 година, кога актерот почина. Семејството објави заедничко соопштение во кое појаснува дека целта на овој потег е зачувување на вистинскиот спомен на неговиот хумор и живот.

„Како што напредува технологијата, сакаме ова да биде сигурно и доверливо место на кое приказните, фотографиите, видеоснимките и спомените ќе го претставуваат неговото наследство автентично, топло и со внимание. Ова е наш начин со светот да го споделиме неговиот уникатен талент“, соопштија неговите три деца на профилот.

Зелда Вилијамс, ќерката на актерот, објасни дека иако враќањето на профилот можеби изгледа необично по толку години, тоа е најдиректен начин за одбрана од злоупотреби.

Таа и претходно беше гласна против користењето на ликот на нејзиниот татко без дозвола. За време на штрајкот на холивудските актери во 2023 година, Зелда остро реагираше на софтверските рекреации на гласови на починати актери.

„Овие реконструкции се, во најдобар случај, бледа имиција на големи луѓе, а во најлош, ужасен монструм од франкенштајновски тип, составен од најлошите делови на оваа индустрија“, изјави претходно Зелда.

Семејството потврди дека на профилот во иднина ќе се објавуваат исклучиво проверени архивски материјали за да можат обожавателите веднаш да препознаат што е вистинска снимка, а што компјутерска симулација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс