Драма во Хамбург: 23 луѓе три часа висеа на рингишпил на висина од 30 метри

Поради технички дефект на саемот Зомердом, посетителите останаа заглавени во воздух до полноќ, кога машината повторно проработе.

Дваесет и три лица поминаа околу три часа заробени на рингишпил со синџири во Хамбург, откако атракцијата ненадејно запре на висина од 30 метри. Инцидентот се случи доцна синоќа за време на популарниот саем Зомердом. На терен веднаш излегоа силни полициски и противпожарни екипи за да организираат спасувачка акција и да спречат паника кај заглавените посетители, јави германската новинска агенција ДПА.

Посетителите висеа на височина од околу 30 метри сè до полноќ, кога техничките служби успеаја повторно да го придвижат механизмот. Сите 23 патници се спуштија на земја без повреди и без потреба од физичка евакуација преку скали, потврди портпаролот на локалната полиција.

Причината за ненадејното блокирање на синџирестиот рингишпил сè уште не е утврдена. Германската организација за техничка инспекција (ТУВ) најави детална истрага за исправноста на инсталацијата.

Оваа атракција е дел од традиционалниот саем Зомердом, кој годинава за првпат трае пет недели наместо вообичаените четири. Настанот привлекува огромна публика, а минатогодишното издание го посетија повеќе од 1,3 милиони луѓе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс