Државната матура во јунскиот испитен рок заврши со просечна оценка од 3,66, што претставува подобрување во споредба со минатогодишниот просек од 3,25. Според податоците што денеска ги објави Државниот испитен центар, матурантите од стручните училишта постигнаа подобри резултати во однос на нивните врстници од гимназиското образование.
Испитите се одвиваа под силни безбедносни протоколи за да се спречи препишување, а за првпат беа ангажирани и сниматели во училниците.
Податоците на Државниот испитен центар покажуваат дека учениците од средните стручни училишта постигнаа просечна оценка од 3,74. Од друга страна, гимназијалците го завршија испитниот рок со среден успех од 3,59.
Највисок просек е забележан кај уметничките училишта, каде што средната оценка достигна 4,21, иако станува збор за значително помала група.
На задолжителниот испит по македонски јазик и литература, средната оценка годинава изнесува 3,89. Слични резултати се забележани и на испитите по албански јазик и литература со просек од 3,81, додека кај турскиот јазик и литература средната оценка е 3,92.
Меѓу изборните предмети, англискиот јазик бележи средна оценка од 3,19. Математиката, која традиционално ја избираат помал број ученици, заврши со просечна оценка од 3,13 за основното ниво и 3,85 за напредното ниво.
Годинашната матура ја полагаа вкупно 14.730 ученици во над 100 средни училишта ширум државата. За да се спречат злоупотреби и споделување на тестовите преку апликации, министерството и ДИЦ применија ригорозни мерки, вклучително и простории со видео-надзор и блокирање на сигнал за мобилни телефони.
За сите кандидати кои не го положија испитот или не полагаа во јунскиот рок, вториот испитен рок ќе се одржи во текот на август.