Јужнокорејските обвинители бараат затворска казна и висока парична казна, откако истрагата открила дека во текот на четири години во јадењата биле користени околу 49.000 мравки.
Сопственик на ресторан со Мишелин ѕвезда во Јужна Кореја се соочува со можност за едногодишна затворска казна и парична казна од 20 милиони јужнокорејски вони (околу 11.800 евра), бидејќи со години користел мравки како декорација во своите јадења.
Според обвинителите, сопственикот признал дека мравките биле дел од неколку јадења во дегустациското мени, но тврди дека се користеле во мали количини. Тој навел и дека гостите биле однапред информирани, како и дека имале можност да изберат јадења без ваква декорација.
Случајот бил откриен откако инспектори од Министерството за безбедност на храната и лековите забележале фотографии и коментари на посетители објавени на интернет. Според јужнокорејските прописи, мравките не се одобрени за човечка исхрана, додека на листата на дозволени инсекти се наоѓаат, меѓу другите, скакулци, штурци и цикади.
Истрагата покажала дека во изминатите четири години во ресторанот биле употребени околу 49.000 мравки увезени од САД и Тајланд. Дополнително, здравствените власти утврдиле дека тие содржеле значително повисоки концентрации на тешки метали во споредба со одобрените инсекти за исхрана.
Името на ресторанот и неговиот сопственик не се наведени во судските документи, па засега не е познато за кој угостителски објект станува збор.