Европските мориња се загреваат: Климатските промени носат тропски видови и екстремни бури

Топлотните бранови опфатија над 80 отсто од бреговите во Средоземјето и Бискејскиот Залив, а експертите предупредуваат на драстични промени во морскиот екосистем.
Фото: Solomonn Levi, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Европските мориња летово достигнаа историски високи температури, главно предизвикани од глобалното загревање, покажува извештајот на меѓународната мрежа научници World Weather Attribution. Температурите на морската површина долж речиси сите брегови во Европа се значително над просекот регистриран во периодот од 1990 до 2020 година. Најпогодени региони се Западниот Медитеран, Бискејскиот Залив и Пиринејскиот Полуостров, каде што се измерени отстапувања и до 6 степени Целзиусови над вообичаеното ниво.

Истражувачите ги споредија јунските температури на морската површина со климатските модели за да го проценат директното дејство на глобалното загревање. Нивните заклучоци покажуваат дека климатските промени ја зголемија просечната температура за околу 2 степени Целзиусови во Средоземното Море.

Во Бискејскиот Залив и долж западната брегова линија на Пиринејскиот Полуостров загревањето изнесува 1,4 степени, додека околу Ирска и западната бреговна линија на Велика Британија бележи раст од 1,3 степени. Без емисиите на стакленички гасови предизвикани од човечкото дејство, научниците проценуваат дека вакви топлотни бранови би погодиле само 40 отсто од крајбрежните области, наместо сегашните 80 до 90 отсто.

Загревањето на водените маси директно ги менува морските екосистеми и ги принудува видовите да бараат помлад животен простор. Научниците бележат појава на африкански октоподи и тропски риби сè посеверно, вклучително и во водите околу Англија, каде што историски никогаш не биле присутни.

Покрај биологијата, потоплите мориња ги менуваат и атмосферските прилики. Повисоката температура на водата ослободува поголемо количество водена пареа во атмосферата, што создава гориво за понашироко распространети и зачестени олујни невремиња, силни врнежи и поплави низ континентот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс