Рекордни дождови ја парализираа Јапонија: четворица загинати, илјадници патници заглавени на аеродромот

Спасувачките екипи продолжуваат да го бараат исчезнатото лице, додека властите ја проценуваат штетата и ги предупредуваат жителите на погодените подрачја на дополнителна опасност од поплави и одрони.

Рекордни количества дожд во петокот погодија делови од Јапонија, предизвикувајќи поплави, прекини на електричната енергија и целосен сообраќаен хаос. Најмалку четири лица загинаа, едно се води како исчезнато, а околу 7.000 патници останаа заглавени на токискиот аеродром Нарита.

Во делови од префектурата Чиба, источно од Токио, за само 24 часа наврнале повеќе од 360 милиметри дожд, поплавувајќи патишта и железнички линии. Невремето го погоди Јапонија во еден од најфреквентните празнични периоди во годината.

Меѓу загинатите е и лице кое било пронајдено во поплавено возило. Поради размерите на невремето, во спасувачките и санациските операции е вклучена и јапонската армија. Повеќе од 22.000 домаќинства останале без електрична енергија, додека стотици жители ноќта ја поминале во привремени евакуациски центри.

Илјадници луѓе заглавени на Нарита

Поплавите и прекините на сообраќајните врски особено го погодија меѓународниот аеродром Нарита. Околу 7.000 луѓе останале во терминалите, откако биле прекинати или отежнати врските со Токио. Снимките покажуваат патници како спијат на подовите на терминалите, покриени со ќебиња. Персоналот на аеродромот им обезбедувал вода и храна.

И покрај хаосот, засега нема најава за масовно откажување на летовите. „Japan Airlines“ предупреди на можни доцнења, додека дел од железничките линии меѓу Нарита и Токио повторно се воспоставени. Неколку главни автопати во Чиба се затворени поради поплавите, а на алтернативните правци се создадени големи колони.

Гувернерот: „Никогаш не сум доживеал нешто слично“

Гувернерот на Чиба, Тошихито Кумегаи, ситуацијата ја опиша како целосно невообичаена.

„Учествував во санација на многу катастрофи, но никогаш не сум доживеал нешто слично“, изјави тој во петокот наутро.

Спасувачките екипи продолжуваат да го бараат исчезнатото лице, додека властите ја проценуваат штетата и ги предупредуваат жителите на погодените подрачја на дополнителна опасност од поплави и одрони.

е-Трн да боцка во твојот инбокс