Почнува реконструкцијата на „Маракана“ – нов стадион со 45.000 седишта

Белград го започна процесот за реконструкција на стадионот „Рајко Митиќ“. Предвиден е модерен комплекс со 45.000 седишта, хотел, музеј и комерцијални содржини.

Секретаријатот за урбанизам и градежни работи на Град Белград го започна процесот за изработка на План за детална регулација на просторот околу стадионот „Рајко Митиќ“. Со новиот план е предвидена целосна реконструкција на стадионот според стандардите на ФИФА и УЕФА, како и развој на модерен спортско-деловен комплекс.

Јавниот увид ќе трае од 6 до 24 јули, а граѓаните и заинтересираните страни ќе можат да достават свои забелешки пред да започне изработката на конечниот урбанистички план.

Според елаборатот, новиот стадион ќе има капацитет до 45.000 гледачи и ќе биде опремен со современи содржини неопходни за организирање домашни и меѓународни натпревари. Во рамки на комплексот се планирани и хотел, музеј, медицински центар, медиумски центар, интернат, спортска академија, школи за фудбал и други објекти кои ќе ја поддржуваат спортската дејност.

Покрај спортските капацитети, планот предвидува и изградба на деловни, трговски и угостителски објекти, како и станбени содржини во одредени зони. Сите објекти ќе треба да претставуваат единствена архитектонска и функционална целина, во согласност со домашните и меѓународните стандарди.

Посебен акцент е ставен и на уредувањето на зелените површини околу комплексот. Предвидено е користење автохтона вегетација, системи за наводнување, пешачки патеки и други хортикултурни елементи кои ќе придонесат за подобар изглед и поквалитетна животна средина.

Ова е првиот чекор во долгата административна постапка. По завршувањето на јавниот увид ќе биде изработен конечниот План за детална регулација, кој треба да биде усвоен од Собранието на Град Белград. Дури потоа ќе може да започне постапката за издавање градежни дозволи и реализација на реконструкцијата.

Неодамна генералниот директор на Црвена звезда, Звездан Терзиќ, најави дека клубот има амбиција да ја зачува традицијата на стадионот „Маракана“, но истовремено да го претвори во современ спортски објект кој ќе ги исполнува највисоките европски стандарди.

е-Трн да боцка во твојот инбокс